- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 557.98 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 19, 2021
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.176/2020
„Особено правилно второстепениот суд го применил материјалното право од член 37 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ број 50/10, 44/14, 150/15 и 31/16) кога врз основа на извршената оценка на изведените докази во текот на постапката прифатил дека тужителот не го сторил веројатно постоењето на дискриминација, односно дека тужениот го повредил неговото право на еднаквост во областа на работните односи и тоа врз основа на неговата политичка припадност. Тргнувајќи од утврденото во текот на постапката, а особено од доказите предложени од тужителот, правилно второстепениот суд извел заклучок дека тужителот не сторил веројатно дека тужениот сторил различен третман во однос на други лица во иста или слична ситуација, особено ако се имаат во вид доказите доставени за другитe лица кои биле вработени кај тужениот. Во оваа насока, тужителот не покажал јасна дискриминаторска политика на тужениот во случај на директна дискриминација или, пак, продолжена дискриминација врз дискриминаторска основа или, пак, правило на тужениот кое се применува и различно ги третира односните лица за разлика од останатите, ниту, пак, сторил веројатно дека при донесување на одлуката за распоредување и определување на плата бр.04-7143/1 од 18.07.2016 година за која е поведена и постапката за поништување, е сторена дискриминација на тужителот. Всушност, со оглед да во рефератот на тужбата тужителот единствено прави споредби со службеници со различна политичка припадност, истиот не поставил јасен дискриминаторски однос, ниту јасно утврден компаратор од каде за судот би произлегол заклучок дека тој сторил веројатно дека била извршена дискриминација, па товарот на докажување да премине на страна на тужениот - претпоставениот дискриминатор за извршената дискриминација.
Во оваа смисла правилно второстепениот суд нашол дека е погрешен заклучокот на првостепениот суд дека тужителот бил дискриминиран од страна на својот работодавец поради својата политичка припадност, а бидејќи не бил унапреден, односно бил распределен да ги врши своите работни задачи надвор од своето место за живеење.
Ова од причина што решението од 11.09.2015 година со кое тужителот е распореден на работно место помлад референт за административни работи и му е определена платата, е донесено заради усогласување на дотогашниот статус и звање на тужителот согласно новиот Правилник за систематизација на тужениот, и не претставува никаква промена. Ова е во согласност со одредбите на Законот за државните службеници, кој е вон сила, како и важечкиот Закон за административните службеници со кој е воведен меритократски систем на вработување или унапредување, по претходно објавен јавен оглас за пополнување на слободно работно место или распишување на интерен оглас за унапредување по кариера, а по претходно обезбедени финансиски средства. Оттука, тоа што тужителот по неговото вработување завршил високо образование и добивал позитивните оценки за неговото работење не може по автоматизам да доведе до тоа тужителот да се стекне со повисоко звање преку распоредување од работно место со пониско звање на работно место со повисоко звање, па следствено на ова тужителот не сторил веројатно дека е дискриминиран во оваа смисла поради неговата политичка припадност. Имено, согласно одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор секоја промена на нивото на звање претпоставува службеникот да конкурира на јавен оглас за вработување или интерен оглас за унапредување, што значи дека за да се стекне со повисоко звање тужителот има право да конкурира на објавен оглас, па потоа доколку има подобри карактеристики од останатите кандидати, ќе се унапреди на она работно место за кое е распишан огласот. Со оглед на ова, а како во периодот откако тужителот се стекнал со високо образование кај тужениот немало постапка за вработување, односно унапредување, неприфатливо е сфаќањето дека истиот не бил унапреден поради неговата политичка припадност, односно е повредено неговото право на еднаков третман. Ова особено што во време на постапката за вработување по јавниот оглас број 154/2010 кој тужителот го наведува во текот на постапката истиот и немал завршено високо образование.
Понатаму, тужителот смета дека сторил веројатно и дека му е повредено правото на еднаков третман со донесување на работен налог, кој е веќе повлечен, односно решението за распоредување од 18.07.2016 година со кое е распореден на работно место во ПЕ Ч., при што во ПЕ К. било распоредено друго лице на работно место помлад референт за административни работи. Меѓутоа, како што правилно прифаќа и второстепениот суд распоредувањето е законски предвиден начин на пополнување на работните места во администрацијата, па оттука при состојба кога тужителот бил распореден од еден во друг град на работно место во исто ниво и категорија на кое и дотогаш работел, и тоа согласно член 43 став 4 од Законот за вработените во јавниот сектор, односно не подалеку од 50 километри од местото каде бил вратен пред прераспоредувањето, не може да се смета дека тужителот бил дискриминиран во однос на другите вработени затоа што бил распореден од еден во друг град, односно неприфатливо е дека распоредувањето довело до негова виктимизација. Всушност, поаѓајќи од околноста дека со Правилникот за систематизација на тужениот биле утврдени три извршители на работното место на тужениот во ПЕ К., и укажувањето на тужителот дека друго лице било распоредено на работно место помлад референт за административни работи во ПЕ К. не значи дека тужителот сторил веројатно дека е дискриминиран, односно виктимизиран.
Воедно, овој суд укажува на Етичкиот кодекс на административните службеници каде е јасно наведено дека административниот службеник не го застапува и изразува своето политичко убедување во вршење на службените задачи и не врши политички активности што можат да ја поткопаат довербата на граѓаните во администрацијата и институциите на јавниот сектор, така што ниту ја истакнува, ниту ја наметнува својата политичка определба, а од каде правилно второстепениот суд нашол дека за дискриминацијата нема влијание политичката определба на тужителот.”