Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.100/2019

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 538.25 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јуни 23, 2020
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.100/2019

„По наоѓање на овој суд, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога повикувајќи се на одредбата од член 71 од Законот за работни односи („Службен весник на РМ“ бр. 62/05) го усвоиле тужбеното барање на тужителот, наоѓајќи дека во случајов предметното решение за престанок на работниот однос е незаконито, бидејќи кај тужителот не постоела намера, ниту пак волја и согласност за престанок на работниот однос, ниту пак тужителот ја поднел предметата изјава со барање за престанок на работниот однос на ден 01.12.2009 година.

Ова од причини што основ за донесување на оспореното решение била писмената изјава со бланко елементи по однос на суштествените состојки на изјавата, во моментот кога ја потпишал тужителот. Имено во случајов утврдено е дека бланко елементите биле пополнети од страна на непознато лице, а само потписот на изјавата бил своерачен на тужителот кој ја потпишал ваквата изјава при потпишувањето на Договорот за вработување. Ова бидејќи во спротивно доколку тужителот не ја потпишел изјавата, од страна на тужениот му било укажано дека немало да биде вработени, односно Договорот за вработување немало да биде валиден. Ваков вид на изјави, составени на идентичен начин, биле потпишани од сите вработени кај тужениот. Од друга страна дека кај тужителот немало волја ниту пак согласност да му престане работниот однос на ден 01.12.2009 година произлегува и од фактот што во периодот од 01.12.2009 година до 15.12.2009 година истиот бил на боледување.

Во ревизијата се наведува дека е погрешна констатацијата на пониските судови дека тужителот писмената изјава требал да ја напише своерачно, бидејќи не било предвидено своерачно писмено давање на изјава на волја за доброволно раскинување на договорот за вработување и потпишана своерачно од страна на работникот. Ваква ограничувачка одредба била предвидена во одредбата од член 69 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (Службен весник на РМ бр. 20/15) кога се утврдува дека при раскинувањето на договорот за вработување со спогодба која се потпишува на денот на престанокот на работниот однос и истата треба да содржи своерачно напишано име и презиме на работникот, своерачно напишан датум на престанок на работниот однос од работникот и своерачен потпис на работникот, но во случајов не станувало збор за спогодбен раскин на работниот однос, туку за одредбата од член 71 став 1 од ЗРО во која се предвидува само своерачен потпис на работникот при давањето на писмената изјава. Овој суд ги ценеше овие наводи, но најде дека се неосновани од следниве причини:

Согласно член 71 став 1 од Законот за работни односи, работникот може да го откаже договорот за вработување ако писмено изјави дека сака да го откаже договорот за вработување.

Поаѓајќи од горе цитираната одредба, произлегува дека за да работникот го откаже договорот за вработување мора писмено да му изјави на работодавачот дека сака да го откаже договорот за вработување. Досегот на примената на одредбата член 71 став 1 од Законот за работните односи, треба да се согледа од формален и материјален аспект, што значи дека покрај откажување на договорот за вработување со писмена изјава од страна на работникот, кумулативно е потребно да биде исполнет и материјалниот, односно содржинскиот аспект кој подразбира писмената изјава да претставува јасен и недвосмислен одраз на намерата на работникот своеволно да го откаже договорот за вработување во определениот момент. Тоа работникот може да го стори на повеќе начини. Работникот може своерачно да изготви писмена изјава која го исполнува горенаведениот материјален аспект и своерачно да ја потпише, или може да искористи однапред изготвена писмена бланко изјава од страна на работодавачот (во форма на образец) во кој случај самиот работник треба лично да ги пополни сите суштествени елементи на изјавата (материјалниот аспект) и своерачно да го потпише.

Во случајов по наоѓање на овој суд не се исполнети условите за откажување на договорот за вработување од страна на работникот, бидејќи тужителот ниту изготвил своерачно писмена изјава за престанок на работен однос, ниту пак самиот ги пополнил суштествените елементи на писмената (бланко) изјава, од кој на јасен и недвосмилен начин би се утврдила намерата на тужителот своеволно да го откаже договорот за вработување кај тужениот на денот 01.12.2009 година, кој ден спаѓа во период кога тужителот бил на боледување.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.91/2019
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право