Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.93/2016

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 264.23 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 29, 2017
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.93/2016

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија судовите погрешно го примениле материјалното право и одредбата од член 104 од Законот за работните односи, кога заклучуваат дека дадената изјава од тужителот за продолжување на вработување е преуранета.

Имено, согласно член 104 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ“ бр. 62/2005...72/2015), работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.

Според став 2, работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.

Според став 3 од истиот член, писмената изјава од ставот 2 на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот 1 на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот 2 на овој член, изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.

Според ставот 4 од истиот член, работодавачот е должен по дадената изјава од ставот 2 на овој член, да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).

Поаѓајќи од вака цитираните законски одредби, особено од ставот 3 на членот 104 од наведениот закон, произлегува дека работник писмената изјава со која бара да се продолжи договорот за вработување ја дава најдоцна до 31 август во тековната година. Со оваа законска одредба е предвиден крајниот рок за поднесување на изјава, но не се предвидени никакви последици доколку таква изјава се поднесува пред почетокот на тековната година во која работникот ги исполнува условите за старосна пензија, односно дека таква изјава е преуранета.

Од изнесеното може да се заклучи дека писмената изјава на работникот за продолжување на договорот за вработување поднесена до работодавачот пред тековната година во која работникот исполнува услови за стекнување на старосна пензија не се смета за преуранета и работодавачот е должен врз основа на една таква изјава да го продолжи договорот за вработување.

Во случајот изјавата е дадена пред 31 август во тековната година 2015 година кога тужителот би навршил 64-годишна возраст. Тужителот наполнил 64-годишна возраст на 04.06.2015 година.

Со оглед да тужителот на 31.12.2014 година до тужениот поднел изјава со која бара да се продолжи договорот за вработување во смисла на член 104 став 2 и 3 од Законот за работните односи, произлегува дека тужителот навремено ја дал изјавата за продолжување на вработувањето кај тужениот, а оспореното решение со кое му престанало вработувањето на тужителот кај тужениот поради возраст, е неправилно и незаконито донесено, бидејќи тужителот имал во законски рок поднесена изјава за продолжување на вработувањето.

Од овие причини, Врховниот суд на Република Македонија побиваното решение го поништи како незаконито, а го задолжи тужениот да го врати тужителот на работа и да го распореди на работно место согласно неговата стручна спрема.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-869/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право