Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.30/2017

  • Version
  • Преземи 1
  • Големина на фајлот 276.32 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 7, 2018
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.30/2017

„(...) ако се има предвид утврденото во текот на постапката дека тужителката користела породилно отсуство заради бременост, раѓање и мајчинство заклучно со 06.10.2015 година, а решението за престанок на работниот однос без отказен рок, тужениот го донел на 09.10.2015 година, според Врховниот суд на Република Македонија, во случајот не се изминати три последователни работни дена во кои работникот, односно сега тужителката неоправдано изостанала од работа, па оттука не постои правен основ врз основа на кој работодавачот може да му го откаже договорот за вработување без отказен рок на работникот.

Воедно, со одредбата од член 101 став 1 од Законот за работните односи, меѓудругото, е предвидено дека работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство. Согласно став 2 од истиот член, отказот на договорот за вработување е ништовен, доколку на денот на врачувањето на отказот работодавачот бил запознаен со околностите од ставот (1) на овој член, или доколку работникот во рок од 15 дена од врачувањето на отказот го извести работодавачот за постоење на околностите од ставот (1) на овој член со доставување на соодветна потврда од овластен лекар или надлежен орган.

Во конкретниот случај, врз основа на доказите изведени во текот на постапката, било утврдено дека предметното решение за престанок на работниот однос без отказен рок кое е донесено на 09.10.2015 година, тужителката го примила на ден 16.10.2015 година, во канцеларијата на законскиот застапник на тужениот. Со оглед да истиот ден - 16.10.2015 година, тужителката поднела приговор против наведеното решение и притоа приложила извештај од специјалист - супспецијалист ПЗУ Д-р Т. П. од 16.10.2015 година, произлегува дека отказот на договорот за вработување е ништовен, од причина што тужителката во законски предвидениот рок од 15 дена од врачувањето на отказот, го известила работодавачот за постоење на околностите од член 101 став 1 од Законот за работните односи.

Имајќи го предвид наведеното, а видно од содржината на решението за престанок на работниот однос без отказен рок, според Врховниот суд на Република Македонија, истото не е донесено во согласност со одредбите од член 72 и член 74 став 2 од Законот за работните односи, што истото го чини незаконито. Имено, предметното решение нема прецизиран основ за откажување на договорот за вработување утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, нема образложение на основот и причините за откажување на договорот за вработување кои го оправдуваат отказот, а на работникот, сега тужителката не и е укажано на правната заштита и не е запознаена со нејзините права од осигурување во случај на невработеност, согласно закон, што е од суштествено значење при давањето на отказот. Наведувањето дека работниот однос престанува поради отсуство од работа три последователни дена, само по себе не претставува околност со која се докажува основаноста на причината која го оправдува отказот, имајќи предвид дека во одлуката за престанок на работниот однос, потребно е поединечно да бидат наведени деновите во кои работникот последователно отсуствувал од работа.”

Претходно Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-999/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право