- Version
- Преземи 5
- Големина на фајлот 550.73 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 10, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.119/2020
„Член 7 од Конвенцијата за престанок на работниот однос по иницијатива на работодавецот на Меѓународната организација на трудот (број 158) од 1982 година, ратификувана од Република Македонија на 17.11.1991 година, предвидува дека работниот однос на работникот нема да му престане поради причини сврзани со однесувањето на работникот или неговата работа, пред да му се овозможи да се брани од изнесените наводи, доколку од работодавецот со причини не може да се очекува да му ја даде таа можност.
Работодавачот има обврска за обезбедување на соодветна постапка и правила при отказ на договорот за вработување поради однесување на работникот или извршување на работите, а кое што произлегува од предвиденото со одредбата од член 7 од Конвенцијата за престанок на работен однос. Во конкретниот случај утврдени се контрадикторности при спроведување на постапката во која е донесена одлуката за откажување на договорот за врaботување, како и контрадикторноста во содржината на одлуката по однос на описот на повредата и основот по кој е откажан договорот за вработување член 82 став 1 точка 5, односно точка 4 од Законот за работни односи, поради што произлегува дека оспорената одлука има формални пропусти. Исто така тужениот не докажал дека е спроведена соодветна постапка во смисла на член 7 од Конвенцијата за престанок на работниот однос, на тужителот не му е дадено право на одбрана и по поднесената пријава не е правилно спроведена постапката кај тужениот за испитување на одговорноста на тужителот, ниту тужениот докажал кои правни дејствија биле преземени по така поднесената пријава од кои би произлегло дека на тужителот му е дадена можност да се брани по изнесените наводи во пријавата.
Без влијание за поинакво одлучување се наводите во ревизијата дека тужителот задоцнил со поднесување на тужбата и дека приговорот против одлуката за откажување на договорот за вработување е ненавремено поднесен. Имено, овие наводи биле истакнати во текот на редовната постапка и во постапката пред второстепениот суд, при што е утврдено дека исполнети се условите од член 181 од Законот за работните односи по навремено поднесен приговор, тужениот не се произнел, по што тужителот навремено ја поднел предметната тужба. Впрочем, со решението на првостепениот суд РО бр. 109/2015 од 12.04.2016 година, потврдено со решението на Апелациониот суд Скопје РОЖ-487/16 од 06.04.2017 година, наведениот приговор и идентични жалбени наводи биле ценети и одбиени како неосновани, со што е апсолвирано наведеното прашање за навременоста на тужбата.”