Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.121/2018

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 900.15 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 12, 2020
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.121/2018

„Правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога го усвоил тужбеното барање на тужителот и ја поништил како незаконита Одлуката за откажување на договорот за вработување, од причина што согласно утврденото тужениот не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот во смисла на член 74 од Законот за работни односи, односно тужениот не докажал дека тужителот ја сторил повредата која му се става на товар.

Согласно член 72 од Законот за работни односи, работодавач е должен да го наведе основот за откажување на договорот за вработување, да ги образложи причините за отказот на договорот за вработување, и да ја докаже основаноста на причината за отказот, да наведе на кој начин, со кои дејствија, во кој временски период работникот сторил повреда на работниот ред и дисциплина. Одлуката за откажување на договорот за вработување тужениот ја заснива на член 80, 81 став 1 и 2 од цитираниот закон, но во образложението на одлуката не е наведен основот и причините за откажување на договорот за вработување кои го оправдуваат отказот.

Според 74 став 2 од Законот за работните односи, работодавачот е должен писмено да го образложи откажувањето на договорот, како и да му укаже на работникот за правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработеност, согласно со закон.

Во ревизиските наводи тужениот истакнува дека одлуката е донесена согласно одредбите од член 72 и член 74 од Законот за работните односи, како и одредбите од член 79, 80, 81 став 1 точка 1 и 2 од Законот за работните односи, дека во Одлуката е наведен основот за отказот и дека е докажана основаноста на причината, воедно дека исказите на сведоците ја поткрепуваат законитоста на донесената Одлука, дека тужителот не ги извршувал работните обврски и не го подобрил своето однесување. Ваквите наводи, Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека се неосновани.

Во случајот отказот е даден поради кршење на работниот ред и дисциплина како и поради неизвршување на работните обврски, поради што тужениот во одлуката за откажување на договорот за вработување бил должен да наведе и образложи конкретно во кој временски период, како, на кој начин и со кои дејствија тужителот ги сторил повредите кои му се ставаат на товар. Исто така тужениот е должен во постапката со материјални докази да докаже дека работникот постапувал несоодветно во работењето, односно дека тужителот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, односно на работните обврски по член 81 став 1 и 2 од Законот за работните односи. Во таа смисла тужениот не доставил докази дека согласно актот за систематизација на работните места тужителот имал обврска пред заминување од работното место да ги известува претпоставените за извршените работни задачи и не докажал дека тужителот се однесувал неодговорно и недисциплинирано, ниту доставил докази дека на тужителот му биле дадени соодветни насоки и упатства како да ја завршува работата, ниту предупредувања дека тужениот не е задоволен од начинот за извршување на работите, освен писменото предупредување од 10.10.2014 година.

Работодавачот има обврска за обезбедување на соодветна постапка и правила при отказ на договорот за вработување поради однесување на работникот или извршување на работите, а коешто произлегува од предвиденото со одредбите од член 7 и 8 од Конвенцијата за престанок на работен однос (број 158) од 1982 година, ратификувана од Република Македонија на 17.11.1991 година. Според наведената Конвенција, една од валидните причини за откажување на договорот за вработување е поради лична причина на страна на работникот заради своето лично однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со Закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работен однос. Соодветно на овие барања од Конвенцијата во членот 74 ст. 2 од Законот за работните односи, е предвидена обврската за работодавачот писмено да го образложи откажувањето на договорот, како и да му укаже на работникот на правната заштита. Во конкретниот случај исказите на сведоците, вклучително и писменото предупредување од 10.10.2014 година не даваат основа да се заклучи и оцени дека се исполнети наведените услови, причините наведени во овие докази не се аргументирани во правец на фактите дека тужителот постапил спротивно на работниот ред и дисциплина во временскиот период за кој се однесува писменото предупредување.

Поради наведеното, Врховниот суд на Република Северна Македонија најде дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право кога одлучил како со побиваната пресуда, дека е правилен и заклучокот дека тужениот како работодавач не доставил докази со кои ќе ги потврди наводите дека согласно Актот за систематизација на работните места тужителот имал обврска пред заминувањето од работното место да ги известува претпоставените за статусот на извршените задачи, како и не докажал дали тужителот се однесувал неодговорно и недисциплинирано, во кој период и на кој начин.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.75/2020
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право