Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.125/2019

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 523.36 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање септември 22, 2020
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.125/2019

„Правилно судовите го примениле материјалното право и согласно одредбата од член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи, го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот, од причина што утврдиле дека оспорената одлука бр.04-473 од 03.11.2015 година е правилна и на закон донесена.

Во случајот оспорената одлука е донесена поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски без отказен рок, затоа што тужителот неоправдано отсуствувал од работа три последователни работни дена или пет дена во текот на една година, и не се јавил на работа во периодот од 21.10.2015 година до 31.10.2015 година.

Судот при одлучувањето ги ценеше наводите во ревизијата со кои се укажува дека е неправилна оспорената одлука за отказ бидејќи тужениот не водел дисциплинска постапка, не формирал дисциплинска комисија, дека на тужителот не му било писмено укажано за подобрување на однесувањето согласно член 73 од Законот за работните односи, дека оспорената одлука е незаконита од причина што во истата не бил наведен бројот на договорот за вработување со кој му се откажува вработувањето на тужителот, дека судовите не утврдиле дали отсуството од работа било оправдано или неоправдано, но најде дека се неосновани.

Работодавачот мора писмено да го предупреди работникот за неисполнувањето на обврските и можноста на отказ во случај на откажување на договорот за вработување по член 80 од Законот за работните односи, за што во конкретниот случај не станува збор бидејќи одлуката за отказ на договорот за вработување на тужителот е поради кршење на работниот ред и дисциплина, поради недоаѓање на работа по член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи, а за ваква повреда работодавачот не е должен да води дисциплинска постапка, ниту да формира дисциплинска комисија која би утврдувала вина на работникот.

Согласно утврденото од доказите произлегува дека тужителот не доаѓал на работа последователно три работни дена, односно пет работни дена во текот на годината и тоа во периодот од 21.10.2015 година до 31.10.2015 година, со што го прекршил работниот ред и дисциплина по член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи. Од прегледот на возила кои се праќаат на терен се утврдило дека возилото кое тужителот го возел, последен налог за работа бил издаден на 20.10.2015 година, а за следниот ден на 21.10.2015 година не бил издаден налог. Последен ден кога тужителот се јавил на работа бил 20.10.2015 година кога тужителот се раздолжил со возилото и со дополнителната опрема, а од изведените докази - исказите на сведоците, произлегло дека тужителот сам го известил законскиот застапник на тужениот дека повеќе не доаѓа на работа и сака да му престане работниот однос, но одбил да даде писмена изјава за престанок на работниот однос и да потпише спогодбен престанок.

Ревизиските наводи дека судовите го повредиле член 8 од Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот затоа што товарот на докажување е на страна на работодавачот односно тужениот, не се од влијание за поинакво одлучување, од причина што со приложените докази тужениот докажал дека во наведениот период тужителот не е евидентиран дека доаѓал на работа, тужителот во наведениот период не извршувал работни задачи, а последниот налог бил на 20.10.2015 година. Тужителот пак не докажал дека во спорниот период доаѓал на работа, ниту приложил докази за да го оправда своето недоаѓање на работа, поради што согласно сите изведени докази произлегло дека оспорената одлука е правилна и на закон донесена.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.11/2020
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право