- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 208.28 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 13, 2016
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.101/2015
„(...) според наоѓањето на Врховниот суд правилно пониските судови го примениле материјалното право, кога повикувајќи се на одредбата од член 64 од Законот за работните односи, тужбеното барање на тужителката го одбиле како неосновано.
Согласно член 14 став 2 од Законот за работните односи ("Службен весник на Република Македонија" бр. 52/12 - Пречистен текст), договор за вработување може да се склучи и за време чие траење однапред определено (работен однос на определено време).
Согласно член 62 став 1 од истиот закон, договорот за вработување престанува да важи со изминување на времето за коешто бил склучен.
Согласно член 64 од истиот закон, договорот за вработување на определено работно време престанува да важи со изминување на рокот за којшто бил склучен, односно кога договорената работа е завршена или со престанување на причината, заради која бил склучен.
Поаѓајќи од содржината на цитираните одредби, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно пониските судови застанале на стојалиште дека одлуката за престанување на важноста на договорот за вработување склучен на определено работно време, е правилна и законита. Ова особено ако се има предвид утврдениот неспорен факт дека тужителката засновала работен однос кај тужениот со договор на определено време заради замена на отсутен наставник, без огласување, чие времетраење согласно член 3 од договорот било определено од 18.10.2010 година до 10.01.2013 година, кој договор не бил продолжен. Оттука, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Макдонија, тужениот како работодавец донел законита одлука со која е утврден престанок на важноста на договорот за вработување поради истекот на определениот рокот за кој што договорот за вработување бил склучен, што претставува законски основ за престанок на работниот однос.
При одлучувањето, Врховниот суд на Република Македонија го ценеше ревизискиот навод на тужителката дека оспореното решение е незаконито бидејќи нема образложение во смисла на член 85 од Законот за работните односи, меѓутоа го оцени како неоснован. Имено, со наведената одредба се уредува формата на одлуката за откажување на договорот за вработување, па во таа насока е предвидено дека одлуката задолжително се дава во писмена форма, образложение на основот и причината за откажување на договорот за вработување. Во конкретниот случај, оспореното решение е донесено во писмена форма, наведен е основот како и причината поради која на тужителката и престанал работниот однос од член 64 од Законот за работните односи, од што произлегува дека решението за престанок на работниот однос на тужителката е правилно и законито.”