- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 531.50 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 9, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.83/2019
„Правилно пониските судови го примениле материјалното право кога согласно одредбите од член 2, член 3, член 11, член 11-а, член 13 став 1, член 15, член 17 став 1 алинеја 2 и став 2 од Законот за агенциите за привремени вработувања (Сл. весник на РМ бр.49/2006, бр.102/08, бр.145/10, бр.136/11, бр.13/13, бр.38/14, бр.98/15, бр.147/15) како и одредбите од член 62 став 1, член 64, член 70 став 1 и член 76 став 1 од Законот за работните односи, го усвоиле тужбеното барање на тужителот и го поништиле решението за откажување на договорот за вработување со отказен рок како незаконито, а со оглед на утврденото дека тужениот немал правен основ за предвремено откажување на договорот за вработување.
Првостепениот и второстепениот суд правилно го одбиле како неоснован приговорот на тужениот за непотполна пасивна легитимација од страна на тужениот, согласно одредбите од член 70 став 1 и член 191 од Законот за парничната постапка. Во конкретниот случај раководејќи се од одредбите од Законот за агенциите за привремени вработувања, произлегува дека тужениот како работодавач и Општина В. како работодавач - корисник, не се единствени сопарничари во поглед на остварувањето на правата и обврските на тужениот и работодавачот корисник, кои во цитираниот Закон, во посебни одредби строго се уредени спрема работникот, вклучително и условите под кои може предвремено да се откаже договорот за вработување на работникот со одлука на тужениот како работодавач. Од тие причини неосновани се наводите во ревизијата дека второстепениот суд не го земал предвид приговорот на тужениот за недостиг на целосна пасивна легитимација, односно дека станува збор за нужно сопарничарство, поради што, во постапката како тужен требала да биде опфатена и Општина В.
Во случајот, тужениот со оспореното решение за откажување на договорот за вработување од 21.11.2017 година, со отказен рок од 1 месец, го откажал договорот пред истекот на времето за кое бил склучен договорот, бидејќи со барање од Општина В. бр.08-4707/1 од 03.11.2017 година бил известен дека Општината имала финансиски потешкотии кои направиле дисбаланс во ставката на обезбедени средства за привремено ангажираните лица кои биле превземени од тужениот.
Со Законот за агенциите за привремени вработувања се уредени правата и обврските на Агенцијата за привремени вработувања како работодавач и работодавачот - корисник, спрема работникот, како и условите под кои може предвреме да му се откаже договорот за вработување на работникот. Според член 17 став 1 и став 2 од овој закон, договорот за вработување агенцијата за привремени вработувања или отстапениот работник можат да го раскинат предвреме со писмено известување пет дена однапред за договори за вработување склучени до 30 дена и со писмено известување десет дена однапред за договори за вработување склучени над 30 дена. Престанокот на потребата за работникот кај работодавачот корисник пред истекот на рокот наведен во договорот не може да биде причина за раскинување на договорот ниту меѓу работодавачот корисник и агенцијата за привремени вработувања ниту меѓу агенцијата за привремени вработувања и работникот.
Поаѓајќи од член 13 од Законот за агенциите за привремени вработувања, лицата вработени по основ на вработувања кај друг работодавач со отстапување на работник од Агенцијата, имаат еднакви права и обврски како и работниците вработени на определено време и по однос на условите за престанок на договорот за вработување се применуваат одредбите од Законот за работните односи, со кои одредби е определен начинот на престанок на договорот за вработување. Исто така и согласно одредбата од член 7 од Договорот за вработување, тужениот имал можност да го раскине договорот за вработување со тужителот само доколку биле исполнети условите од Законот за работните односи и Законот за агенциите за привремени вработувања, поради што произлегува дека во примена се одредбите од член 62, 64 и 76 од Законот за работни односи.
Од утврденото произлегува дека во конкретниот случај не се исполнети условите за откажување на договорот за вработување во смисла на член 76 од Законот за работните односи, ниту претпоставките за предвремено раскинување на договорот предвидени со член 17 став 1 и став 2 од Законот за агенциите за привремени вработувања, од причина што известувањето од Општина В. не може да биде основ за тужениот предвремено да го раскине договорот за вработувње со тужителот.
Поради горенаведеното без влијание за поинакво одлучување е наводот во ревизијата дека оспореното решение е донесено по барање на работодавачот-корисник и дека тужениот се соочувал со активирање на банкарска гаранција доколку не постапел по барањето на Општината, а тоа би претставувало непочитување на член 15 став 2 од Договорот склучен помеѓу тужениот и работодавачот – корисник.”