- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 557.29 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 25, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.98/2020
„(...) според наоѓањето на Врховниот суд на Република Северна Македонија, правилно пониските судови застанале на стојалиште дека одлуките за престанување на важноста на договорите за вработување склучени на определено работно време, се правилни и законити. Ова особено ако се има предвид утврдениот неспорен факт дека тужителот засновал работен однос кај тужените со договори за вработување на определено работно време и бил вработен кај првотужениот ООУ „Г. Д.“ с. В., во периодот од 11.09.2010 година па се до денот на поднесување на тужбата на работно место наставник по техничко образование, а кај второтужениот ООУ „А. Н.” с. Н. М. со договори за вработување на определено работно време сметано од 09.09.2013 година на работно место наставник по техничко образование и информатика. Со решение за престанок на работниот однос број 04-56/1 од 22.01.2018 година од првотужениот на тужителот му престанува работниот однос на 22.01.2018 година, а додека пак со решение за престанок на работен однос по основ на истек на определено време број 04-39/1 од 25.01.2018 година на тужителот му престанува работниот однос на ден 25.01.2018 година и кај второтужениот. Според наоѓањето на Врховниот суд на Република Северна Македонија, тужените како работодавци донеле законити одлуки со кои е утврден престанок на важноста на договорите за вработување поради истекот на определениот рок за кој што договорите за вработување биле склучени, што претставува законски основ за престанок на работниот однос. Во конкретниот случај тужените не направиле никакви законски пропусти со донесените одлуки бидејќи договорите за вработување на определено време престануваат да важат со изминување на рокот за којшто биле склучени при што работодавачите не носат одлука за откажување на договорот за вработување, туку само констатираат дека по сила на закон престанува работниот однос на работникот поради истек на договорот за вработување.
При одлучувањето, Врховниот суд на Република Северна Македонија го ценеше ревизискиот навод на тужителот дека второстепениот суд при одлучувањето воопшто не го зел во предвид член 46 од Законот за работните односи, меѓутоа го оцени како неоснован. Ова од причина што во конкретниот спор предмет на тужбено барање се поништување на одлуки за престанок на работен однос поради протек на времето за кој се склучени договорите за вработување, па законитоста на овие одлуки се цени од аспект на тоа дали престанокот на работниот однос е во согласност со одредбите на член 62 и 64 од Законот за работните односи, а не од аспект на тоа што била поведена постапка за трансформација во која тужителот успеал.”