- Version
- Преземи 2
- Големина на фајлот 522.04 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 6, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.103/2019
„По наоѓање на ревизискиот суд, пониските судови правилно го примениле материјалното кога прифатиле дека е законито решението за престанок на работниот однос. Имено, и по наоѓање на овој суд во услови кога судот во конкретниот случај ја цени законитоста на решението, а видно од тужбата е дека тужителката побарала решението да се поништи како незаконито се со цел истата да регулира работен стаж за спорниот период, фактот дека тоа што на тужителката не и е регулиран работен стаж за тие 18 дена, а имајќи во предвид дека работниот ангажман и бил исплатен, не го прави незаконито оспореното решение.
Правилно пониските судови застанале на ставот дека во случајов постојат основани причини за престанок на работниот однос бидејќи кај тужениот престанала потребата од понатамошно извршување на работните задачи кои ги вршела тужителката, а договорот за вработување бил склучен на определено време. Имено, точно е дека работниот однос заснован на определено време престанува по сила на самиот закон, а по истекот на времето за кое бил склучен договорот за вработување. Но, во смисла на предвидените услови од чл. 64 од Законот за работните односи, фактичкото траење на работниот однос заснован на определено време зависи и од настапување на однапред определени околности како што е целосно завршување на договорената работа или престанокот на потребата од понатамошно извршување на работата. Ова значи дека договорот за вработување склучен на определено време всушност престанува да важи со престанокот на основот по кој истиот е склучен. Па така, во конкретниот случај имајќи во предвид дека тужениот ја ангажирал тужителката за тие спорни 18 дена, а за период од 01.09.2014 до 19.09.2014 година, ваквото дејствие на тужениот како работодавач не претставува оправдана причина да се поништи решението за престанокот на работниот однос на определено време како што тужителката побарала. И според овој суд за да може решението за престанок на работен однос да се поништи како незаконито, треба тужениот да преземал дејствија кои го прават тоа решение незаконито, а тоа што на тужителката и бил потребен основ за да и биде регулиран стажот за тие 18 дена и да се направи корекција во Агенцијата (...), не е основана причина да се утврди незаконитост на оспореното решение. Ова дотолку повеќе што видно од пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје РО бр. 1443/16 од 16.12.2016 година на тужителката која барала да се утврди дека незаконски и престанал работниот однос со цел да се изврши корекција за спорниот период, тужбеното барање и било одбиено како неосновано.
Наводите на тужителката во ревизијата дека пониските судови одлучувале без притоа да го имаат на увид Договорот за вработување бр.02-125/1 од 24.02.2014 година како би можеле со сигурност да утврдат до кога тој договор бил во сила и кога требало да и престане работниот однос на тужителката, овој суд ги ценеше, но најде дека истите се неосновани. Ова од причини што неспорно е утврдено дека тужителката врз основа на погоренаведениот договор била вработена кај тужениот како професор по математика, а до враќање на отсутен работник поради користење на породилно отсуство. Околноста што пак тужениот не го доставил спориот договор во текот на постапката, не ја ослободува тужителката како странка во тој договор за вработување врз основа на кој остварувала права од работен однос и извршувала работни задачи истата да го прибави и достави до судот, дотолку повеќе што била должна како работник да побара да го потпише, да се запознае со неговата содржина и да има најмалку еден примерок за себе. Тоа што тужителката прифатила и се согласила да заснова работен однос на определено време како што сега укажува врз основа на договор кој го немала потпишано и со чија содржина не била запознаена, упатува на фактот дека истата барем усно била запознаена со условите од тој договор како по однос на неговото времетраење, така и по однос на нејзиниот работен ангажман.”