- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 634.95 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 5, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.44/2020
„Имено, во конкретниот случај првостепениот суд со правилна примена на одредбите од член 4, член 5 став 1, член 6 став 1, член 22 став 4 и член 33 од Законот за заштита од вознемирување на работно место, како и 9-а и член 11 став 2 од Законот за работните односи, заклучил дека тужената вршела психичко вознемирување на работното место врз тужителката.
Ова од причина што по наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија доколку се подведат наведените законски одредби под утврдените факти дека тужителката имала поголем број на дежурства од другите вработени во текот на еден месец, а тужената не докажала дека поголем број на денови на дежурства во други месеци имале други вработени, дека на тужителката не ѝ било дозволено користење на годишен одмор и дека неовозможувањето на работникот на правото на користење на годишен одмор претставува повреда на Законот за работните односи во услови кога тужената не докажа дека во споменатиот период навистина имало зголемен обем на работа и дека во тој период и на други вработени не им било одобрувано користење на годишен одмор, дека на тужителката не ѝ биле одобрувани престои и присуство на светски конгреси и покрај тоа што имала изготвено научни трудови кои биле прифатени од научниот комитет на конгресот, а тужената не доставила докази зошто во случај кога тужителката имала изготвено три научни трудови кои биле прифатени од Научниот комитет не одобрила присуство на тужителката на Светски конгрес бидејќи одлуката ја донесувала тужената, а Управниот одбор ја потврдува истата одлука, а исто така тужената не достави докази дека имало и други случаеви кога и на други лекари доколку имале изготвено трудови не им одобрила присуство на конгрес или обука. Од сето погоре наведено произлегува дека тужената со своето однесување психички ја вознемирувала тужителката, со што и е повредено достоинството, интегритетот, честа и угледот, што предизвикало кај тужителката чувство на страв и непријатност, пониженост кое резултирало со нарушување на нејзината здравствена состојба и компромитирање на професионалната иднина.
Ова особено имајќи во предвид дека од одредбите од Законот за заштита од вознемирување на работно место, како и од одредбите од Законот за работните односи кои го регулираат мобингот, произлегува дека товарот на докажување за непостоење на мобинг е на страна на тужената и дека тужената е таа која требала да докаже дека нејзиното однесување не е со цел одреден вработен психички да се вознемирува. Во конкретниот случај тужената не доставила докази дека на истоветен начин се однесувала и спрема други вработени, дека поголем број на денови на дежурства во други месеци имале и други вработени, дека во спорниот период навистина имало зголемен обем на работа и дека во тој период и на други вработени не им било одобрувано користење на годишен одмор, дека имало и други случаеви кога и на други лекари доколку имале изготвено трудови, не им одобрила присуство на конгрес или обука.
Во однос на тоа дека за повредите на кои се повикува тужителката, а кои се сторени од страна на тужената била предвидена заштита во соодветна постапката пред работодавецот, а потоа и во судска постапка согласно Законот за работните односи, по наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија, правилен е заклучокот на првостепениот суд дека начинот на вршење на психичко вознемирување на работното место може да биде и со повреда на некое право од работен однос, па постапката за заштита на правата од работен однос согласно Законот за работните односи, не е од влијание врз постапката за утврдување мобинг, односно психичко вознемирување. Одредено лице, жртва на мобинг може, но не мора да бара заштита на правата од работен однос, согласно одредбите од Законот за работните односи, која не е од влијание за утврдување на психичко вознемирување на работно место согласно одредбите од Законот за заштита од вознемирување на работно место.
Исто така овој суд во целост се согласува со заклучокот на првостепениот суд дека тоа што крајната цел на психичкото вознемирување е да доведе до состојба на престанок на работен однос или лицето врз кое се врши психичкото вознемирување да го напушти работното место, не значи и дека мобингот секогаш мора да заврши со напуштање на работното место или престанок на работниот однос, туку за да се утврди постоење на психичко вознемирување од значење се последиците кои за работникот настануваат од таквото однесување, а во случајов неспорно е дека на тужителката ѝ било нарушено физичкото и психичкото здравје, изразено како хронични главоболки, пореметувања на циклусот, анксиозни напади, загуба на смислата на животот без очекување за излез од ситуацијата, несигурност.”