Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.14/2020

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 540.69 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 6, 2020
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.14/2020

„(...) правилно пониските судови го примениле материјалното право кога повикувајќи се на член 28-а, член 71 став 2 и 3, член 72 и член 78 став 1 и 2 од Законот за работни односи, ја поништиле како незаконита одлуката за отказ од 20.06.2018 година.

Законските причини за откажување на договорот за вработување од страна на работодавачот се уредени со член 71 став 2 од Законот за работните односи, според кој работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина), поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина за вина) или пак причината е заснована на потребите на функционирање на работодавачот (деловна причина).

Со одредбата пак од член 78 од истиот закон, се уредува постапката кога работодавачот го откажува договорот за вработување и истовремено му предлага на работникот склучување на нов променет договор за вработување, при што во ставот 1 е определена соодветна примена на одредбите од Законот за работните односи кои што се однесуваат на откажување на договорот за вработување.

Во смисла на наведените одредби, произлегува дека отказот на договорот за вработување од страна на работодавачот, во формалниот дел на постапката, претходи на понудата на нов променет договор, при што тој е должен, како и при секое откажување на договорот, да наведе некоја од основаните причини за отказ утврдени со член 76, а во врска со член 71 став 2 од Законот за работни односи.

Во оспорената одлука, тужениот воопшто не навел основ за дадениот отказ, ниту пак навел и образложил кои се причините за отказ на договорот за вработување. Од образложението во одлуката, произлегува дека тужениот донел правилник со кој се уредува дека усогласувањето на платите ќе се изврши со склучување на анекс кон постојниот договор за вработување, бидејќи колективниот договор престанал да важи. Наведено образложение и донесениот правилник од страна на работодавачот, не претставува оправдан основ и причина за откажување на договор за вработување.

Воедно, по наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлуката на тужениот за отказ на договорот за вработување со понуда за склучување на анекс кон постојниот договорот за вработување на тужителот, не е во согласност со член 78 од Законот за работни односи, а на која се повикал тужениот во воведот на одлуката.

Имено, тужениот во конкретниот случај му понудил на тужителот склучување на анекс на постојниот договор кој се однесува на висината на платата, а не нов променет договор за вработување како што пропишуваа наведената одредба, па според овој суд постои формален недостаток во донесената одлука на тужениот.

Поаѓајќи од одредбите од член 28-а од Законот за работни односи, кои ја регулираат измената на договорот за вработување, а кои пропишуваат дека измените можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото, произлегува дека Законот не дозволува еднострана промена на договорот за вработување, ниту пак пропишал дека тужениот како работодавач може да го откаже договорот за вработување поради неприфаќање на измената на договорот од страна на тужителот.

Во конкретниот случај, претходела понудата на тужениот за измена на договорот за вработување во однос на платата на тужителот, па како тужителот одбил потпишување на измената, според мислењето на овој суд, тужениот како работодавач доколку сметал дека е неопходна потребата од определени промени, морал да му го откаже договорот за вработување со образложени законски причини со истовремена понуда за склучување на нов променет договор за вработување, што недостасува во конкретното постапување на тужениот.

Наводите во ревизијата кои се однесуваат на економско финансиска состојба на тужениот, овој суд оцени дека не се од влијание во однос на законитоста на отказот, со оглед што, како што е погоре наведено, тужениот не дал причини за отказот, односно тужениот не го откажал договорот за вработување на тужителот поради деловни причини во смисла на член 76 став 1 точка 3 од Законот за работните односи.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.2/2020
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право