- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 552.59 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 9, 2020
- Последна промена ноември 5, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.72/2020
„(...) по наоѓање на ревизискиот суд, досегот на примената на одредбата член 78 од Законот за работните односи, треба да се согледа од формален и материјален аспект, што значи дека покрај откажување на договорот за вработување со истовремена понуда на нов променет договор, кумулативно е потребно да биде исполнет и материјалниот, односно содржинскиот аспект кој подразбира правен основ, образложеност на одлуката, оправданост и основаност на причината за отказ на договорот за вработување. Ваквиот став е изразен и во пресудите на овој суд Рев3.бр.62/19 од 16.10.2019 година, Рев3.бр.59/19 од 24.01.2020 година и други.
Во конкретниот случај, на тужителот му е даден отказ на договорот за вработување со понуда за склучување на анекс кон постојниот договор за вработување, во делот кој се однесува на платата. Одлуката за отказ на договорот за вработување, се заснова на член 78 став 1 од Законот за работните односи, а во врска со склучување на анекс кон наведениот договор за вработување.
По наоѓање на ревизискиот суд, донесената одлука за отказ на договорот за вработување со понуда за склучување на анекс кон постојниот договор за вработување, не е во согласност со одредбата од член 78 од Законот за работните односи. Појдовна основа за изразување на ваквиот заклучок, произлегува пред се од постоењето на формален недостаток бидејќи на тужителот му е понуден анекс кон постојниот договор за вработување, а не нов променет договор за вработување, како што наложува законската одредба. Не може да стане збор за истоветна ситуација, со оглед дека кога се склучува анекс на договорот за вработување во сила се двата договорни односи, односно анексот е составен дел на договорот, додека кога се понудува нов променет договор за вработување, се заснова нов, засебен договорен однос, што всушност е интенцијата на наведената одредба.
Покрај тоа, во образложението на одлуката не е наведена причината за откажување на договорот за вработување во смисла на член 71 став 2 во врска со член 76 став 1 од Законот за работните односи, ниту пак тужениот ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот во смисла на член 72 од истиот закон. Напротив, од образложението на оспорената одлука, произлегува дека тужениот одлуката ја заснова на интерен правилник со кој се уредува дека усогласувањето на платите на работниците ќе се изврши со склучување на анекс кон постојниот договор за вработување согласно член 28-а од наведениот закон, бидејќи колективниот договор престанал да важи. Ваквото образложение своја правна основа и поткрепеност не наоѓа во одредбите од Законот за работните односи. Имено, работодавачот не може со едностран и интерен акт да ги намалува основните права и гаранции на работниците во работниот процес, а особено ваквиот акт не може да претставува оправдан и легитимен основ и причина за откажување на договорот за вработување. Ова дотолку повеќе што, измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако постои волја кај двете договорни страни, а согласно член 28-а став 4 од наведениот закон.”