Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.75/2020

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 549.71 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 7, 2020
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.75/2020

„(...) правилно пониските судови го примениле материјалното право, кога оцениле дека одлуката на извршниот директор на тужениот Ф. (...) АД К., за давање отказ на договорот за вработување со понуда за склучување на анекс кон постојниот договор за вработување е спротивна на закон и како таква е поништена.

Наведеното од причина што, со Законот за работни односи се утврдени начините, како и основите за престанок на работен однос, при што несогласувањето да се склучи анекс на договорот за вработување не може да биде причина за отказ на договорот за вработување, спротивно на наведеното во оспорената одлука на тужениот, што истата ја прави незаконита. Со одредбата од член 28-а од ЗРО, се уредува начинот на измена на договорот за вработување со заемна согласност помеѓу двете договорни страни, а кога не се работи за престанок на работниот однос, поради што не се предвидени правни последици по страната која нема да се согласи со измената на договорот. Анексот на договорот за вработување не смее да се употребува како средство за притисок врз работникот како послаба страна во работниот однос и може да биде потпишан единствено врз основа на постигнат договор помеѓу договорните страни.

Од друга страна пак, согласно член 78 став 1 од Законот за работни односи, одредбите на овој закон што се однесуваат на откажување на договорот за вработување, се применуваат и во случајот кога работодавачот го откажува договорот за вработување и на работникот истовремено му предлага склучување на нов променет договор за вработување. За да се примени оваа одредба, првиот дел од новиот променет договор треба се однесува на отказот на постојниот договор за вработување, при што работодавачот е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението, како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осиryрување во случај на невработеност, согласно член 74 од ЗРО. Вториот дел на договорот, треба да ја содржи понудата на работодавачот, со наведување на изменетите услови под кои би продолжил договорот за вработување, условите за работа, како и правата од работен однос.

Во конкретниот случај, тужениот постапил спротивно на Законот за работни односи, одлуката на извршниот директор за давање отказ на договорот за вработување не содржи законски предвиден основ ниту пак оправдани и доволно образложени причини за отказот, па иако во одлуката се повикува на член 78 став 1 од ЗРО, на тужителот не му понудил нов променет договор за вработување со кој му се продолжува работниот однос, но со изменети услови, туку му понудил анекс на постојниот договор за вработување, согласно член 28-а од ЗРО, оценувајќи дека одбивањето на тужителот да го потпише анексот може да биде причина за отказ на договорот за вработување.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.95/2020
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право