Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.94/2015

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 301.25 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање април 28, 2016
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.94/2015

„Имено, во конкретниот случај на тужителот му бил откажан договорот за вработување од 12.10.2010 година, поради неприфаќање на новиот понуден договор за вработување и поради неоправдан изостанок од работа три последователни работни денови.

Согласно член 78 став 1 од Законот за работните односи - Пречистен текст ("Службен Весник на Република Македонија" бр.16/2010), одредбите на овој закон што се однесуваат на договорот за вработување се применуваат и во случај кога работодавачот го откажува договорот за вработување и на работникот истовремено му предлага склучување на нов променет договор за вработување.

Согласно став 2 од истиот член, работникот мора да се изјасни за новиот променет договор за вработување во рок од 15 дена од денот на приемот на понудата.

Согласно став 3 од истиот член, ако работникот во случајот од став 1 ја прифати понудата нема право на отпремнина поради престанување на претходниот договор за вработување, а го задржува правото да ја оспорува пред надлежниот суд основаноста на причината за промена на договорот за вработување.

Поаѓајќи од содржината на цитираната одредба, а имајќи го предвид утврденото од страна на пониските судови, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно второстепениот суд застанал на стојалиште кога одлуката чија законитост се оспорува во оваа постапка ја поништил како незаконита. Ова ако се има предвид дека во случај кога работодавачот му предлага на работникот склучување на нов променет договор за вработување, должен е претходно да го откаже договорот за вработување врз основа на кој бил заснован работниот однос и истовремено да му понуди нов променет договор. Со други зборови, отказот на договорот за вработување му претходи на понудувањето на нов променет договор за вработување, па оттука раководејќи се од утврдено дека тужениот му понудил на тужителот нов променет договор за вработување, кој тужителот не го потпишал, ниту се изјаснил во предвидениот рок, па потоа му го откажал договорот за вработување поради неприфаќањето на понудениот договор, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, оспорената одлука е незаконита, бидејќи не е донесена согласно одредбата од член 78 од Законот за работните односи. Во насока на наведеното, неприфаќањето на новиот променет договор за вработување само по себе не претставува основ за престанок на работниот однос, ако истовремено на работникот не му е откажан договорот за вработување.

При одлучувањето Врховниот суд на Република Македонија го ценеше ревизискиот навод на тужениот дека со непотпишувањето или неприфаќањето на новиот понуден договор за вработување се активира отказот на договорот за вработување, меѓутоа најде дека овој навод не наоаѓа примена во конкретниот случај. Имено, отказот на договорот за вработување ќе се активира само доколку во одлуката за отказ на договорот за вработување е содржана понуда за нов договор за вработување, а не кога отказот е даден поради неприфаќањето на понудениот договор за вработување.

Врховниот суд на Република Македонија ги ценеше и останатите ревизиски наводи, меѓутоа најде дека се без влијание за поинакво одлучување, од причина што постапувањето спротивно на одредбата од член 78 од Законот за работните односи е доволна причина која ја прави незаконита оспорената одлука за откажување на договор за вработување.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Гостивар РОЖ-47/16
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право