Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.23/2016

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 301.35 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 11, 2017
  • Последна промена ноември 5, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.23/2016

„Во конкретниот случај неспорно е утврдено дека тужителката повеќе од пет години работела кај тужениот на исти работни задачи, од што произлегува дека работниот однос од определено време по автоматизам се трансформира во работен однос на неопределено време. Во прилог на ваквата одлука, првостепениот суд имал предвид дека договорите што ги склучувала тужителката со тужениот во најголем дел се со полн фонд на часови, односно само последните договори се склучени за наставни часови со над половина од полниот фонд, при што имал предвид дека согласно член 88 став 3 од Законот за основно образование, неделниот фонд на наставни часови за предметен наставник изнесува од 20 до 23 часа, во кој фонд не влегуваат часовите за дополнителна и додатна настава. Во прилог на донесената одлука е и утврденото дека кај тужениот за целиот период имало 25 слободни наставни часа за наставник по англиски јазик, за кои тужителката ги склучувала договорите на определено време.

При таква состојба, кога од изведените докази неспорно е утврдено дека тужителката работела кај тужениот непрекинато повеќе од пет години, дека работела и на денот на поднесување на тужбата, дека во наведениот период за кој се склучувани договорите ги извршувала истите работни задачи, дека склучените договори во најголем дел се со полн фонд на часови, а тие што се со помал фонд се со наставни часови над половината од полниот фонд, како и фактот дека за работното место на кое тужителката работела кај тужениот, има полн фонд на часови, Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека првостепениот суд правилно го применил материјалното право кога го усвоил тужбеното барање на тужителката.

Воедно, правилно оценил првостепениот суд дека не е од влијание за поинакво одлучување фактот што во еден од договорите е наведено дека се склучува на определено време до враќање на отсутниот работник, од причина што е утврдено дека во конкретниот случај немало отсутен наставник од работа, ниту пак било наведено кој отсутен работник и од која причина бил отсутен и кога истиот треба да се врати на работа. Имено, договор за вработување на определелено време за замена на привремено отсутен работник, согласно член 46 став 2 од Законот за работни односи, може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник, но за ваков вид на договор не може да стане збор во конкретниот случај, затоа што пред изборот на функцијата - директор на тужениот, истиот не бил вработен кај тужениот, туку во друго училиште, за да може да се смета дека директорот е отсутен работник кај тужениот.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-280/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право