- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 291.05 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 9, 2011
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев.бр.655/2010
„Согласно член 82 став 1 точка 1 од Законот за работни односи, работодавачот може на рботникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година.
Имајќи ја предвид погоре цитираната законска одредба, правилно е стојалиштето на второстепениот суд кога ја потврдил првостепената пресуда во делот што се однесува на откажување на договорот за работа. Имено, од изведените докази не било утврдено дека тужителот неоправдано отсуствувал од работа во период од 11.06.2007 година до 6.08.2007 година како што е наведено во одлуката за откажување на договорот за вработување на тужителот. Тужителот ја исполнил договорената обврска преземена од договорот за упатување на специјализација и по завршувањето на специјализацијата до работодавецот доставил молба со која барал да биде распореден на соодветно работно место, а тоа нешто му го пренел и на сведокот С. С. вработен кај началникот на одделението кај тужениот. Имајќи во предвид дека тужениот не му одговорил на тужителот на ова писмено барање, како и на подоцнежните барања кои што ги доставил тужителот до тужениот, правилен е ставот на пониските судови дека невраќање на тужителот на работа не може да се подведе под поимот неоправдано отсуство од работа. Ова, дотолку повеќе што тужениот требало да постапи по барањата на тужителот, но бидејќи тоа не го сторил неприсуството на тужителот на работа е по вина на тужениот, а не на тужителот. Оттука, правилно второстепениот суд ја потврдил првостепената пресуда со која е усвоено тужбеното барање на тужителот и е поништена одлуката за откажување на договорот за вработување.
Исто така, Врховниот суд на Република Македонија, наоѓа дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право кога ја преиначил првостепената пресуда во делот со кој бил задолжен тужениот да го врати тужителот на работа на работно место доктор по стоматологија во стоматолошка служба при ЈЗУ Здравствен дом С., од причини што судот нема такво право, па правилно второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда во овој дел и го задолжил тужениот да го распореди тужителот на работно место соодветно на неговата стручна подготовка.”