- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 277.61 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 30, 2012
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.19/2011
Имено, пониските судови правилно одлучиле кога го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот имајќи ги предвид одредбите од член 82 став 1 точка 3 од Законот за работните односи, одредбите од член 137 до 142 и член 146 став 1 точка 3 од Колективниот договор на тужениот. Основ за такво одлучување судовите наоѓаат во утврденото дека тужителот постапил спротивно на член 82 став 1 точка 3 од Законот за работните односи, бидејќи не се придржувал кон прописите за заштита од пожар на начин што на 22 и 23.01.2009 година, во трета смена, користел дополнително грејно тело, иако со наредба бр.0203-660 од 03.04.2008 година, од страна на помошник генерален директор за производно технички работи, користењето дополнително грејно тело било забрането, со што тужителот сторил кршење на работниот ред и дисциплина согласно наведената законска одредба.
Врховниот суд на Република Македонија го оцени како неоснован наводот во ревизијата дека работодавецот не му обезбедил потребни услови за работа и за безбедност на здравјето на тужителот, од причина што тужителот бил запознат со наредбата за забрана за користење на секаков вид дополнителни грејни тела и истиот не смеел да ги користи. Со тоа што тужителот користел дополнително грејно тело, не се придржувал на прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи, на кој начин го нарушил работниот ред и дисциплина. Доколку тужителот сметал дека не му се обезбедени соодветни услови за работа, своите права можел да ги остварува на соодветен законски начин, а не спротивно на наредбата за забрана на користење на дополнителни грејни тела и спротивно на прописите на тужениот.
Неоснован е и наводот во ревизијата дека тужителот прво требал да биде писмено предупреден за можноста дека ќе добие отказ во смисла на член 73 од Законот за работните односи. Имено, наведената законска одредба се однесува на откажување на договор за вработување од причина поради вина на работникот, во кој случај работодавачот мора писмено да го предупреди работникот за неисполнување на обврските и можноста за отказ во случај на натамошни кршења на истите. Со оглед на тоа што во конкретниот случај на тужителот отказот на договорот му е даден поради кршење на работниот ред и дисциплина според член 82 став 1 точка 3 од Законот за работните односи, во таков случај не постои обврска за тужениот во смисла на наведениот член 73 од Законот за работните односи.”