- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 499.49 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 23, 2019
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.4/2018
„По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право, кога го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот, со образложение дека со преземените дејствија тужителот ги сторил повредите кои му се ставаат на товар со решението за откажување на договорот за вработување.
Имено, врз основа на изведените докази во текот на постапката било утврдено дека во НК за КР во ПС А. немало пријава за кривично дело и предмет по кој би постапувале тужителот и полицискиот службеник В. М., истите го повикале лицето А. Т. за обавување службен разговор со покана без број, што било евидентирано во деловодната книга за дневни настани, на лицето А. Т. му понудиле право на бранител, меѓутоа за добиените информации од обавениот службен разговор не била изготвена службена белешка и не била доставена до непосредниот раководен полициски службеник. Со оглед на утврденото, според овој суд правилно пониските судови застанале на стојалиште дека тужителот постапил спротивно на член 3 од Законот за полиција, член 11 став 2 и член 102 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, член 2 став 1, 3 и 9 од Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници, член 20 став 2 од Кодексот на полициска етика, што претставува потешко кршење на работниот ред и дисциплина согласно член 207 став 1 точка 8, 9, 12 и 15 од Колективниот договор на тужениот, а во врска со член 82 став 2 од Законот за работните односи.
Тужителот во ревизијата наведува дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога прифатиле дека правилно и законито му е откажан договорот за вработување, без притоа да имаат предвид дека кривичната постапка која се води против тужителот, се уште е во тек, односно истиот не е осуден за кривичното дело кое му се става на товар. Врховниот суд на Република Македонија го оцени како неоснован ваквиот навод, со оглед да во конкретниот случај со побиваното решение на тужителот не му е откажан договорот за вработување поради сторено кривично дело, туку поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина предвидена како потешко кршење на работниот ред и дисциплина согласно член 207 од Колективниот договор на тужениот.”