Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.16/2016

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 297.98 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање април 12, 2017
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.16/2016

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога повикувајќи се на одредбите од член 70 став 1, член 71 став 2, член 72, член 73, член 74 став 1, член 76, член 81 став 1 алинеја 2 и 3, член 84, член 85 и член 86 од Законот за работните односи, го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот.

Притоа, пониските судови образложиле дека тужителот со своето работење не успеал да оствари позитивни резултати, не дал иницијатива за унапредувањето на експозитурата, ниту пак дал било каков предлог за зголемување на профитот на експозитурата, не успеал да генерира доволно побарувачи за кредит, а со тоа да ги реализира месечните таргети за продажба на кредитните продажби на банката, ниту успеал да го одржи квалитетот на кредитното портфолио на ниво предвидено со интерните акти на банката. Во насока на наведеното, со оглед да тужителот не ги исполнувал одредените месечни цели како индивидуа, а со што не бил остварен планот, односно утврдениот таргет на ниво на експозитура К., правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителот во континуитет постапувал спротивно на интерните акти на банката. Ова дотолку повеќе што, тужениот на тужителот му ги обезбедил сите потребни услови за работа и му биле дадени соодветни упатства, насоки или писмени предупредувања од работодавачот во врска со работата дека работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски и дека по даденото предупредување во рокот утврден од работодавачот доколку истиот не го подобри своето работење на начин утврден со колективниот договор на ниво на гранка, односно оддел, може да донесе одлука за откажување на договорот за вработување и тоа поради несовесно и ненавремено извршување на работните обврски со отказен рок. Оттука, како во случајот тужителот во текот на своето работење и покрај предупредувањата и одлуките со кои бил парично казнуван од страна на Управниот одбор на банката, а на кои одлуки не доставувал приговори, истиот не успеал да го поправи своето работење и своите резултати ниту во купопродажбата на кредитните производи и остварување на пропишаните месечни таргети, ниту во зголемување на квалитетот на кредитното портфолио категоризирано во групата А, по наоѓање на овој суд правилен е заклучокот на пониските судови дека одлуката за откажување на договорот за вработување поради несовесно и ненавремено извршување на работните обврски со отказен рок, е законита.

Тужителот во ревизијата наведува дека тужениот одлуката за откажување на договорот за вработување ја донел поради несовесно и ненавремено извршување на работните обврски, а пониските судови го одбиле тужбеното барање на тужителот како неосновано, без притоа да утврдат во што се состои несовесното и ненавременото извршување на работните обврски, односно во што се состои неговата вина и одговорност да не оствари резултати во работата. Овој суд ги ценеше ваквите наводи, но најде дека истите се неосновани.

Имено, тужителот со потпишување на договорот за вработување од 18.09.2012 година и Анекс на договорот за вработување од 31.03.2014 година на работно место раководител на Експозитура во банката во К., ги прифатил обврските што произлегувале од Законот за работните односи, законските и подзаконските прописи и статутот на банката, кодексот на етика и стандардите на професионално однесување, правилникот за внатрешна организација и систематизација на работите и работните задачи со опис и спецификација на работните места кај тужениот и останати интерни акти поврзани со работното место. Во оваа насока истиот меѓу останатото бил одговорен и да ја организира, координира и раководи работата, да дава иницијатива за унапредување на работниот процес и бил одговорен за работата на експозитурата како и други работи определени меѓу кои и можностите за зголемување на профитот на експозитурата за побарувачката на кредитите и одржување на тековното кредитно портфолио, за следењето и применувањето на процедурите и упатставата на банката и прописите од доменот на банкарството од страна на вработените како и активна улога во привлекување на нови комитенти и одржување на постоечките. Оттука, како тужителот со своето работење не успеал да оставари позитивни резултати, не дал иницијатива за унапредување и работење на експозитурата во К., ниту дал било каков предлог за зголемување на профитот на експозитурата, не успеал да генерира доволно побарувачка за кредитот и со тоа да ги реализира месечните таргети за продажба на кредитните производи на банката ниту пак успеал да го одржи квалитетот на кредитното портфолио на ниво на предвидените интерни акти на банката, реализацијата на месечните таргети, правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителот не ја исполнил предвидената обврска со договорот за вработување да ги извршува работите совесно, благовремено и квалитетно и да остварува позитивни резултати во работењето, а согласно правилникот за внатрешна организација и систематизација на работите и работните задачи со описи и спецификација на работните места во тужениот.

Овој суд ги оцени како неосновани наводите во ревизијата дека тужителот, односно експозитурата нема овластување во врска со апликациите за добивање кредит и дека на страна на тужителот не постои вина за нецелосното остварување на таргетите, односно да генерира доволно побарувачка на кредити, имајќи предвид дека околноста дали потенцијалните кредитобаратели ќе ги прифатат кредитите, зависи од условите предвидени во деловната политика на банката врз кои тужителот нема влијание. Ова од причина што, ваквите наводи биле истакнати и ценети во текот на постапката од страна на пониските судови, кои дале доволно образложени причини, со кои овој суд се согласува.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Штип РОЖ 152/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право