- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 381.76 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 20, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.22/2016
„(...) Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога го усвоил тужбеното барање на тужителот и ги поништил како незаконити одлуките донесени од тужениот, од причина што тужениот не успеал да ја докаже основаноста на причината заради која му го откажал договорот за вработување на тужителот, односно не докажал дека тужителот има директна одговорност за настанување на штетата со кражба на нафта со цел за себе или за друг да прибави имотна корист, како и тоа дека тужителот не ги извршувал или несовесно ги извршувал работните задачи.
Според член 82 став 1 точка 5 од Законот за работни односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот.
Согласно член 72 од истиот закон работодавачот е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.
Имајќи ги предвид погорецитираните законски одредби од Законот за работни односи, при неспорно утврдена состојба дека тужителот како вработен кај тужениот на работно место висококвалификуван машинист VI група во Организациона единица Механизација С., на денот на извршената проверка ги вршел работните задачи, односно управувал машина - трактор, како и дека по извршената проверка на количеството на нафта во цистерната од страна на раководителот Б. Н. немало некоја голема разлика, според Врховниот суд на Република Македонија правилен е заклучокот на второстепениот суд дека тужителот не ја сторил повредата што му се става на товар, со оглед дека тужителот не бил огласен виновен за сторено кривично дело тешка кражба, а тужениот во оспорената одлука не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот. Дотолку повеќе, во одлуката не е наведено ниту колкава штета тужителот му предизвикал на тужениот. Притоа, списокот на имиња и цифри најден во кабината на цистерната, сам по себе не претставува доказ за извршена кражба, а со тоа и основ за откажување на договор за вработување, во ситуација кога тужениот не утврдил со сигурност од кој е напишан тој список, а особено ако се има предвид неспорниот факт дека во писмените блокчиња за издавање и прием на нафта кои ги воделе возачите на возилата и возачот на цистерната не постоеле разлики во количината на нафтата.
Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека второстепениот суд, врз основа на правилна примена на материјалното право, донел правилна и законита одлука, во која се дадени доволно образложени причини за решителните факти, со кои се согласува и овој суд.
Овој суд, го ценеше ревизискиот навод дека постоел список на имиња на работници кои биле вклучени во малверзациите со нафтата, меѓутоа најде дека ваквиот навод е неоснован и дека правилен е и заклучокот на пониските судови дека пронајдените пари и списоци со имиња и наведени цифри, сами по себе не претставуваат доказ за сторена кражба, а дотолку повеќе тоа што на еден од списоците бил прецртан износот кој наводно се однесувал за тужителот.”