Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.27/2018

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 335.14 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање октомври 17, 2018
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.27/2018

„По наоѓање на овој суд, врз основа на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, која во целост е прифатена од второстепениот суд, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога одлучиле како во изреката на своите пресуди.

Пониските судови го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот и раководејќи се од одредбата од член 82 став 1 точка 4 од Законот за работните односи, правилно заклучиле дека од содржината на наведената законска одредба произлегува дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства.

Во конкретниот случај при алкотестирање извршено во текот на работно време, од лица овластени од тужениот, кај тужителот било утврдено присуство на алкохол од 0,16 промили.

Врховниот суд на Република Македонија, ги ценеше наводите во ревизијата на тужителот кои се во насока на тоа дека алкотестирањето на работникот било извршено од страна на агенција за обезбедување од лица кои биле без овластување, ниту биле стручни да извршат алкотестирање и дека судовите не го имале во предвид Законот за приватно обезбедување при одлучувањето, како дека работникот сега тужителот требало да биде спроведен во медицинска установа и на истиот да му биде направено испитување на крвта, со цел да се утврди присуство на алкохол, но најде дека истите се неосновани.

Ова од причина што во конкретниот случај постои одлука која е донесена од тужениот и се однесува за користење на апарат за алкотестирање, во која одлука јасно е пропишано дека за недозволено присуство на алкохол во организмот кај работниците ќе се смета секое надминување на 0,00 промили алкохол, и дека работодавачот согласно одредбите од Законот за работните односи ќе преземе соодветни мерки против работникот кај кого ќе биде утврдено присуство на алкохол во крвта при алкотестирање.

Имено, агенција за обезбедување по алкотестирањето составила службена белешка во која констатирала присуство на алкохол кај тужителот од 0,16 промили, која службена белешка била изнесена и при спроведување на дисциплинската постапка за утврдување на одговорност кај сега тужителот, која направила записник бр.04-10/2 од 13.01.2016 година, а кој записник тужителот го потпишал. Во насока на ова, ако тужителот сметал дека лицата од агенцијата за обезбедување не се овластени да извршат алкотестирање и се сомневал во точноста на дрегерот, истиот не бил спречен да побара или да отиде во здравствена установа за да изврши испитување на крв со цел да утврди дали има или нема присуство на алкохол во организмот.

Дотолку повеќе ако се има превид дека согласно член 67 од Законот за приватно обезбедување, овластените службени лица на Министерството утврдуваат дали и како се спроведува овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, вршат проверка на евиденцијата на склучените договори од членот 6 став 1 од овој закон, вршат преглед на деловните простории, техничките средства и уреди и возилата кои се употребуваат во вршењето на работи на приватно обезбедување, вршат проверка на начинот на чување и носење на огненото оружје, како и на оспособеноста за ракување и употреба на огненото оружје и проверка на начинот на примена на овластувањата на работниците за обезбедување. Оттука, неспорно произлегува дека ако тужителот ценел дека лицата од агенцијата за обезбедување кои го вршеле алкотестирањето немаат лиценци, како и дека агенцијата согласно Законот за приватно обезбедување, нема обврска да врши алкотестирање, истиот можел таквата состојба да ја пријави во Министерството.

Неосновани се и наводите во ревизијата со кои се укажува дека тужителот е синдикален претставник, па согласно тоа дека не е испочитувана одредбата од член 200 став 1 од Законот за работни односи. Правилно заклучиле пониските судови дека во конкретниот случај не може да се примени наведената одредба од Законот за работните односи, бидејќи тужителот во моментот на алкотестирање бил на работното место и не вршел синдикални активности, односно отказот на тужителот не е даден заради синдикални активности за да може да бара заштита согласно наведената законска одредба, туку поради утврдено присуство на алкохол во текот на работното време на работното место. Поради напред наведените причини, овој суд најде дека правилно заклучиле пониските судови дека тужениот постапил во согласност со законот и во законито спроведена постапка со правилна примена на материјалното право донел одлука за законит престанок на вработувањето на тужителот.”

Претходно Пресуда на Апелационен суд Скопје РОЖ-292/18
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право