- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 279.34 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 12, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.37/2016
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот и ги поништиле како незаконити одлуките донесени од тужениот, од причина што тужениот не успеал да ја докаже основаноста на причината заради која му го откажал договорот за вработување на тужителот, односно не докажал дека тужителот има директна одговорност за настанување на штетата со кражба на нафта со цел за себе или за друг да прибави имотна корист, како и тоа дека тужителот не ги извршувал или несовесно ги извршувал работните задачи.
Имено, пониските судови, од изведените докази во текот на постапката како и од исказите на сведоците дадени во текот на постапката, меѓу кои и исказот на сведокот Б. Н. и Т. П., правилно заклучиле дека повредата која на тужителот му се става на товар не била поткрепена со соодветни докази, не било утврдено времето, местото и начинот на сторување на кражбата, тужениот не утврдил за каква и колкава штета се работи, ниту пак доставил доказ во текот на постапката од кој ќе се потврди фактот дека тужителот сторил кражба и предизвикал штета на тужениот.
Според член 82 став 1 точка 5 од Законот за работни односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот.
Согласно член 72 од истиот закон работодавачот е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.
Имајќи ги предвид погорецитираните законски одредби од Законот за работни односи, при неспорно утврдена состојба дека тужителот како вработен кај тужениот на работно место висококвалификуван машинист VIII група во Организациона единица Механизација С., на денот на извршената проверка ги вршел работните задачи, односно управувал машина ваљак како и дека по извршената проверка на количеството на нафта во цистерната од страна на раководителот Б. Н. немало некоја голема разлика, според Врховниот суд на Република Македонија правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителот не ја сторил повредата што му се става на товар, со оглед дека тужителот не бил огласен виновен за сторено кривично дело тешка кражба, а тужениот во оспорената одлука не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот. Дотолку повеќе, во одлуката не е наведено ниту колкава штета тужителот му предизвикал на тужениот.
Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека пониските судови, врз основа на правилна примена на материјалното право, донеле правилни и законити одлуки, во кои се дадени доволно образложени причини за решителните факти, со кои се согласува и овој суд.
Според овој суд, исто така, правилен е и заклучокот на пониските судови дека пронајдените пари и списоци со имиња и наведени цифри, сами по себе не претставуваат доказ за сторена кражба, а дотолку повеќе тоа што на еден од списоците бил прецртан износот кој наводно се однесувал за тужителот.”