- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 311.36 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање мај 10, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.41/2016
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога, повикувајќи се на одредбите од член 72, член 74 став 2, член 85 став 1 точка 5 од Законот за работните односи и член 145 од Законот за облигационите односи, го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот.
Имено, пониските судови утврдиле дека при извршена инспекциска контрола кај тужениот била констатирана неправилност во записникот од даночната контрола за фискализација во однос на прометот за 1.871,00 денари, кој не бил регистриран и за кој не биле издадени фискални сметки, за износот од 9.130,00 денари, за кој постоела каса прими за плаќање во готово и за истиот износ не била издадена фискална сметка и за износ од 78.374,00 денари, како нерегистриран промет за деновите 01.10.2013 година и 02.10.2013 година, кои биле евидентирани во тетратката за интерна евиденција за стока која била давана на вересија, а за кои не била издадена фискална сметка. Оттука, ако се има предвид дека била утврдена неправилност во работењето на тужителот, која се состоела во неиздавање на фискални сметки за извршениот промет на добра, односно услуги, што било основ за изрекување на глоба и донесување на решение за привремена забрана за вршење на дејност на тужениот, со што на тужениот му била предизвикана штета, произлегува дека правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителот ја сторил повредата која му се става на товар со решението за откажување на договорот за вработување.
Во насока на наведеното, Врховниот суд на Република Македонија го оцени како неоснован ревизискиот навод дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот и меѓу другото прифатиле дека на страна на тужителот има вина за штетата што тужениот ја претрпел, без притоа да имаат предвид дека во конкретниот случај се работело за вообичаен начин на работа со давање вересија и запишување во тетратката која ја воделе вработените кај тужениот. Ова, ако се има предвид да ваквиот навод бил истакнат во текот на постапката и ценет од страна на пониските судови, кои дале доволно образложени причини во однос на тоа дека тужителот сторил кршење на работните обврски утврдени со закон, колективен договор и договорот за вработување, со неговото несовесно однесување на работното место со што му предизвикал штета на тужениот.”