- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 276.97 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 24, 2015
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.48/2015
„Според Врховниот суд на Република Македонија, имајќи ја во предвид утврдената фактичка состојба од страна на првостепениот суд, која што е прифатена и од страна на второстепениот суд, пониските судови правилно го примениле материјалното право, кога го усвоиле тужбеното барање на тужителката и Одлуката за престанок на работниот однос без деловоден број од 22.02.2012 година ја поништиле како незаконита и ја вратиле тужителката на работа на работно место кое одговара на нејзината стручна подготовка. Основ за вакво одлучување, пониските судови наоѓаат во фактот дека во конкретниот случај, одлуката за престанок на работниот однос е нејасна со формални недостатоци, бидејќи нема деловоден број, нема образложени причини за дадениот отказ, односно не е наведено во што се состои самоволното однесување на тужителката и од што произлегува минусот на сметката на авиокомпанијата, односно дека не е наведено со кои дејствија тужителката сторила повреда на работниот ред и дисциплина, кои работни обврски не ги извршувала, ниту пак во кое време тужителката со своите дејствија ја сторила повредата која и се става на товар.
Според Врховниот суд на Република Македонија, неоснован е ревизискиот навод на тужениот по однос на тоа дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право и погрешно ги толкувале одредбите од член 70 и член 72 од Законот за работните односи, односно дека во одлуката за отказ бил наведен основот за отказот, одредбата од член 82 од Законот за работните односи и дека во истата била наведена основаноста на причината која го оправдува отказот, односно дека имало записнички констатиран минус на сметката на тужениот, кој записник го потпишала и тужителката.
Имено, согласно член 72 од Законот за работните односи, ако работодавачот го откажува договорот за вработување, должен е да го наведе основот за отказот утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот и да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот.
Согласно член 74 став 1 од истиот закон, отказот на договорот за вработување, задолжително се изрекува во писмена форма. Според став 2, работодавачот е должен писмено да го образложи откажувањето на договорот, како и да му укаже на работникот на правната заштита и да го запознае со неговите права од осигурување во случај на невработеност, согласно со закон.
Во смисла на погоре цитираните законски одредби, во случај кога работодавачот го откажува договорот за вработување, во одлуката со која се откажува договорот за вработување, треба да биде наведен основот за отказот, како и доказите со кои ќе се оправда основаноста на отказот. Според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, за законитост на одлуката, не е доволно само да се наведат членови од законот и колективниот договор повредени од страна на работникот, туку е потребно да се опише конкретното дејствие кое работникот го сторил, односно да се наведат правилата пропишани од работодавачот кои работникот не ги почитувал и дејствијата со кои истиот ги прекршил тие правила, а потоа и да се докаже основаноста на причината која го оправдува отказот. Во таа насока, правилно е становиштето на пониските судови, дека во конкретниот случај Одлуката за престанок на работниот однос на тужителката без деловоден број од 22.02.2012 година е незаконита, бидејќи не ги содржи законските елементи, односно не ги содржи дејствијата со кои тужителката сторила кршење на работен ред и дисциплина, кои работни обврски не ги почитувала, ниту пак се наведени докази со кои би се поткрепила основаноста на одлуката. Фактот што тужителката потпишала записник на кој е констатиран минус на сметката на тужениот, не значи дека истата ја сторила повредата за која е изречен отказот. Дотолку повеќе што, во Одлуката за престанок на работниот однос која што е без деловоден број, е наведено дека на тужителката и престанува работниот однос на работно место самостоен референт на продажба на патни документи, а видно од Договорот за вработување од 31.12.2010 година, истата била вработена на работно место комерцијалист, па како што се укажува и во ревизијата не е јасно како може на тужителката да и престане работниот однос од работно место на кое што не работела.”