Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.55/2017

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 321.53 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање февруари 28, 2018
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.55/2017

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителката и ги поништиле како незаконити решението број 04-205/1 од 07.08.2015 година и одлуката број 04-5/35 од 25.08.2015 година на тужениот.

Имено, во смисла на одредбите од Законот за работните односи, правен основ за заштита на правата на работникот поврзани со престанок на работниот однос, претставува одлуката за откажување на договорот за вработување донесена од работодавачот, односно од него овластен работник. Во оваа насока, на тужителката и престанал работниот однос со решението број 04-205/1 од 07.08.2015 година, со кое и е откажан договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок, а согласно член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи. Воедно, со одредбите од Законот за работните односи, се предвидува право на работникот да поднесе приговор против одлуката за откажување на договорот за вработување, до органот на управување или работодавачот. Притоа, приговорот ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и справедлива, па со одлучувањето на повисокиот орган по приговорот, се прокламира принципот на двостепеност како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси. Имајќи го предвид наведеното, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилен е ставот на пониските судови дека постапувајќи по приговорот, тужениот можел само да ја цени законитоста на решението со кое на тужителката и бил откажан договорот за вработување, но не и да го менува фактичкиот и правниот основ за престанок на работниот оснос на тужителката, односно да ја менува причината за откажување на договорот за вработување. Наведеното дотолку повеќе што, тужениот не ја докажал основаноста на причината заради која и е откажан договорот за вработување на тужителката, со решението број 04-205/1 од 07.08.2015 година, односно не докажал дека тужителката ја сторила повредата на работниот ред и дисциплина или работните обврски, за која и е даден отказот.

Врховниот суд на Република Македонија ги оцени како неосновани наводите во ревизијата дека во случајот треба да се примени одредбата од член 81 од Законот за работните односи, како основ за престанок на работниот однос на тужителката, со оглед да истата ја сторила повредата која и се става на товар и дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога застанале на стојалиште дека тужениот не може да ја менува причината за откажување на договорот за вработување.”

Претходно Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.87/2017-1
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право