- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 344.20 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање октомври 10, 2013
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.57/2013
„Согласно член 82 став 1 точка 1 од Законот за работни односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година.
Врз основа на утврдената фактичка состојба, пониските судови правилно заклучиле дека оспорените одлуки на тужениот се незаконити, па го вратиле тужителот на работа, на работно место соодветно на неговата стручна подготовка. Од утврдените факти во постапката дека тужителот за деновите 21.10.2010 година, 22.10.2010 година и 27.08.2010 година, доставил извештај за привремена спреченост за работа, следува дека тужителот не изостанал неоправдано од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година, па кога овие услови не се исполнети, според мислењето на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога ги поништиле како незаконити оспорените одлуки. Според овој суд за да може да се донесе одлука за престанок на работен однос, согласно член 82 став 1 точка 1 од Законот за работни односи, мора кумулативно да бидат исполнети двата пропишани услови и тоа работникот да изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година, а притоа да не го оправда изостанокот.
Што се однесува до ревизискиот навод дека пониските судови погрешно заклучиле дека на тужителот му престанал работниот однос согласно член 82 став 1 точка 1 од Законот за работни односи, а не согласно член 81 став 1 точка 5 и 6 од истиот закон, овој суд наоѓа дека е неоснован. Ова, од причина што во ставот 1 од одлука за откажување на договорот за вработување без отказен рок Арх.бр.04-12131/5 од 26.11.2010 година, е наведено дека договорот се откажува согласно член 82 став 1 точка 1 од Законот за работни односи. Дотолку повеќе што во текот на постапката од исказите на сослушаните сведоци П. Н., Б. А. и Н. С. било утврдено дека претпоставениот на тужителот бил известен дека тој е на лекар и ќе отсуствува од работа.”