- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 360.95 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 13, 2018
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.70/2017
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно судовите го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот и го поништиле како незаконито решението за отказ на договорот за вработување. Ова од причина што утврденото во текот на постапката не произлегло дека тужениот ја сторил повредата поради која е изречен престанокот, односно дека тужениот не ги докажал со докази основаноста и причините за откажување на договорот за вработување.
Тужениот, како работодавец, при откажувањето на договорот за вработување го навел само основот за откажување на договорот без да ја каже причината која го оправдува отказот, односно причините и дејствијата со детален опис на истите, а со кои би произлегло дека тужителот ги повредил одредбите од Законот за внатрешни работи, Правилникот за вршење на работа на Министерството за внатрешни работи, Правилата за начинот на однесување на меѓусебните односи на работниците и со посебни должности и овластување и Кодексот на полициската етика, за да се утврди дека основано му е даден отказот на тужителот.
Судот при одлучувањето ги ценеше наводите во ревизијата дека тужителот не ги почитувал обврските предвидени со Законот и подзаконските акти на тужениот, дека сторил дејствија со кој постапил спротивно на деловникот на надлежностите и задачите кои ги имал како овластено службено лице и дека судовите биле должни да го сочекаат исходот на кривичната постапка каде ќе се утврдело дека постои кривичното дело - поткуп, но најде дека истите се неосновани.
Во граѓанската постапка судот ја цени основаноста и законитоста на оспорената одлука со која на тужителот му е изречен престанок на работниот однос. Во случајот е утврдено дека тужениот во решението не го навел основот за откажување на договорот за вработување, ниту образложил на кој начин, со кои дејствија, во кој временски период тужителот ја сторил повредата на работниот ред и дисциплина поради што произлегува дека таквото решение е неправилно и незаконито донесено.
Тужениот во текот на судската постапка не докажал, а ниту во решението го навел начинот на кој тужителот ги побарал и примил паричните средства, со наведување од кои патници кои ја поминувале границата примил имотна корист при извршувaње на службените задачи и со кои дејствија била прекршена работната дисциплина, поради што Врховниот суд на Република Македонија, наоѓа дека неосновано е донесено оспореното решение.”