- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 555.78 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јануари 23, 2019
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.87/2018
„(...) правилно судовите го усвоиле тужбеното барање на тужителот и утврдиле дека предметното решение за отказ на договорот за вработување од 29.05.2007 година е незаконито во смисла на член 72 и 74 од Законот за работни односи, од причина што тужениот во текот на постапката не ја докажал основаноста на причините, поради кои на тужителот му бил откажан договорот за вработување.
Во случајот, тужениот како работодавач во решението со кое е изречен престанок на работниот однос, иако е должен да го наведе основот за откажување на договорот за вработување, истото не го образложил и не навел на кој начин, со кои дејствија, во кој временски период работникот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, за да може да се прифати дека основано е изречен престанокот во смисла на член 82 став 2 од Законот за работни односи.
Имено, од утврденото произлегува дека во образложението на оспореното решение е наведено дека тужителот како полицаец во ПС за ГК Б. во временски период од 21.01.2007 година до 08.02.2007 година, во повеќе наврати со цел да се здобие со противправна имотна корист, заедно со останатите колеги во смената, со однапред договорен систем на барање и примање поткуп од лицата кои ја преминувале државната граница на влез и излез, побарал и примил поткуп во повеќе наврати, при што е наведена кривичната пријава за основано сомнение дека тужителот сторил кривично дело - “Примање поткуп“, меѓутоа тужениот во поткрепа на ваквото решение не приложил соодветен доказ. Притоа единствено е наведено дека тоа е утврдено од кривичната пријава и од службена белешка која што не била доставена како доказ.
Судот при одлучувањето ги ценеше наводите во ревизијата на тужениот дека тужителот го прекршил работниот ред и дисциплина, на начин што постапил спротивно на член 1 став 1 алинеја 2 и член 48 став 1 точка 4 од Законот за внатрешни работи, како и постапил спротивно на член 103 од Правилникот за вршење на работа, односно дека не ги почитувал обврските предвиден со закони и подзаконски акти, меѓутоа истите не се од влијание за поинакво одлучување.
По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно судовите го усвоиле тужбеното барање на тужителот и утврдиле дека оспореното решение е незаконито, со оглед што во оспореното решение не е наведен основот за отказот, односно не се содржани елементите за откажување на договорот за вработување, а тужениот во текот на постапката не докажал со кои дејствија е извршена повреда на правилата и законот, односно не ја докажал основаноста на причината поради кои на тужителот му бил откажан договорот за вработување.”