- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 278.88 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 10, 2016
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.93/2015
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилен е ставот на второстепениот суд дека во смисла на член 102 од Законот за работните односи, враќањето на работник на работа е врзано со основот за барање на поништување на решението за престанок на работен однос, што значи дека во случај на незаконит престанок мора да има утврдено вина на страна на работодавачот со правосилна пресуда за да може работникот, да бара враќање на работа. Оттука, како во случајот нема конечно решение за откажување на договорот за вработување кое тужителката го оспорува со тужба, правилна е одлуката на второстепениот суд за одбивање на тужбеното барање на тужителката.
Тужителката во ревизијата наведува дека второстепениот суд погрешно го применил материјалното право кога одлучил на наведениот начин, со оглед да во конкретниот случај иако повеќе не постои првостепено решение за престанок на работниот однос, кое тужителката може да го оспорува, истото за неа предизвикало негативни последици со престанок на работниот однос, поради што согласно член 177 од Законот за парничната постапка, тужителката го прецизирала тужбеното барање и побарала да биде вратена на работа.
Врховниот суд на Република Македонија ги ценеше ваквите наводи, но најде дека истите не се од влијание за поинакво одлучување. Така, предмет на судски спор може да биде конкретно право на работникот од работен однос повредено со конкретен акт или дејствие на работодавачот и во таква постапка, судот ја испитува законитоста на таа одлука, па доколку утврди дека на работникот на незаконит начин му престанал работниот однос, истата ќе ја поништи како незаконита, а работникот ќе има право да се врати на работа ако тоа го бара.
Со член 50 став 1 од Законот за царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/04, 81/05, 107/07, 103/08, 64/09, 105/09, 48/10/, 158/10, 53/11, 113/12), е пропишано дека на царинските службеници се применува Законот за работните односи и општите и посебните прописи од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување и колективниот договор на Царинската управа, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
Со член 73-и став 4 пропишано e дека, кога не е донесено решението од ставот 3 на овој член (се мисли на решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, по поднесен приговор) или кога царинскиот службеник не е задоволен со решението донесено по приговорот, има право да поведе спор пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на решението или од наредниот ден од истекот на рокот во кој тоа требало да биде донесено.
Согласно член 102 став 1 од Законот за работните односи, ако судот донесе правосилна одлука со која е утврдено дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, работникот има право да се врати на работа, ако тоа го бара.
Во случајот, решението со кое тужениот го откажал договорот за вработување на тужителката и на истата и престанува работниот однос, е поништено од страна на надлежната комисија како второстепен орган, па поаѓајќи од погорецитираните одредби, деклараторна - утврдителна тужба со која тужителката бара да се утврди дека решението со кое и престанува работниот однос не произведува правни последици во правниот промет на страна на тужителката од работниот однос со тужениот, не е уредена со Законот за работни односи.
Во однос на ревизиските наводи дека второстепениот суд погрешно го применил материјалното право кога го одбил тужбеното барање во однос на враќањето на тужителката на работа, од причина што во конкретниот случај тужениот мора со извршен наслов да се задолжи да ја врати тужителката на работа, бидејќи истиот не сака на доброволен начин да и го обезбеди тоа право, овој суд оцени дека се без влијание за поинакво одлучување, ако се имаат предвид напред наведените причини. Доколку работодавачот не ги обезбедува правата на тужителката од работниот однос, истата има право да поднесе писмено барање до работодавачот да ја исполни својата обврска, како и правото за враќање на работа, а воедно тужителката може по пат на покренување на иницијативи и предлози согласно Законот за управната инспекција, ова свое право да го остварува во управна постапка, а врз основа на правилата од Законот за управна постапка.”