Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.125/2016

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 322.11 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јули 6, 2017
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.125/2016

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот и го поништиле како незаконито побиваното решение, бидејќи правилно заклучиле дека тужителот не сторил повреди на работниот ред и дисциплина по член 207 став 1 точка 7, 8, 9 и 15 од Колективниот договор на Министерството ... во врска со член 141 став 1 точка 8, 9 и 15 од Законот за внатрешни работи, а заради кои му бил даден отказот.

Согласно член 72 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ“ бр. 62/2005...25/2013), ако работодавачот го откажува договорот за вработување, е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот и истите да ги наведе во образложението.

Поаѓајќи од цитираната законска одредба, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно е стојалиштето на пониските судови дека во конкретниот случај тужениот не ја докажал основаноста на тврдењето дека тужителот ја злоупотребил службената положба и овластување така што оддал класифицирана информација која е строго доверлива на лицето К. Р. и дека го употребувал службеното возило за лични потреби. Ова од причина што, наведувањето на дисциплинската повреда, сама по себе не претставува околност со која се докажува основаноста на причината која го оправдува отказот, бидејќи во решението за престанок на работниот однос потребно е да бидат  содржани факти и докази за начинот на кој тужителот ги презел дејствијата кои претставуваат повреда на работниот ред и дисциплина. Имајќи предвид дека во судската постапка товарот на докажување на основаноста на отказот го сноси работодавачот, правилно пониските судови утврдиле дека работодавачот постапил спротивно на одредбите од член 72 од Законот за работните односи, односно дека тужениот не ги докажал решавачките факти дека тужителот ги сторил дејствијата што му се ставаат на товар, поради што побиваното решение е незаконито.

Неосновани се ревизиските наводи дека пониските судови утврдиле дека тужителот не ги сторил повредите на работиот ред и дисциплина врз основа на фактот што истиот бил ослободен од обвинение во кривичната постапка. Ова од причина што, пониските судови се впуштиле во оцена на законитоста на оспореното решение и на постапката во која е донесена истото, независно од кривичната постапка против тужителот за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување. Имено, утврдувајќи го решителниот факт дека во конкретниот случај решението за отказ не содржи доволно аргументи за основаноста на повредите, како и дека во постапката не биле докажани причините поради кои тужениот го донел побиваното решение, правилно пониските судови утврдиле дека тужениот неправилно и незаконски го откажал договорот за вработување на тужителот поради повреди на работниот ред и дисциплина согласно правилата и прописите на Министерството и одредбите од Законот за внатрешни работи.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.370/2016
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право