- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 343.01 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 7, 2018
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.146/2017
„По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно второстепениот суд го применил материјалното право кога согласно одредбата од член 181 став 2 и 3 од Законот за работните односи, тужбата на тужителот ја отфрлил како недозволена. Ова, од причина што тужителот против оспореното решение не поднел приговор и не ги остварил правата за заштита од работа кај работодавачот.
Ревизиските наводи дека на тужителот воопшто не му било врачено решението за отказ на договорот за вработување, дека решението за првпат го добил истовремено со одговорот на тужба од тужениот и поради тоа немал можност да вложи приговор, се неосновани.
Имено, тужителот на 16.04.2013 година дознал дека бил одјавен од работа, исто така и со Известување по претставка од 14.06.2013 година од Министерството бил известен дека со решение му престанал работниот однос кај тужениот и дека истото било ставено на огласна табла во Каменоломот Д. Ж. с. Г. Во решението бил определен рок од 8 дена за поднесување на приговор, меѓутоа тужителот не го искористил тоа право и не поднел приговор кај работодавачот во смисла на член 91 став 2 и член 181 став 2 и став 3 од Законот за работните односи, поради што во конкретниот случај тужителот го изгубил правото на судска заштита.
Неосновани се и ревизиските наводи дека судот не навел одредба од законот, од која би произлегло дека мора да се вложи приговор против решение за отказ.
Имено, правото на примарна заштита пред работодавач е предвидено со одредбите од член 181 став 2 и 3 од Законот за работните односи, од кои произлегува дека со неподнесување на приговор пред работодавачот против решение за престанок на работен однос, нема основ да се оствари ни судска заштита. Според став 3 од членот 181 од Законот за работните односи, за да се оствари право на судска заштита, потребно е да се поднесе приговор против решението за престанок на работен однос и со тоа да се оствари примарна заштита пред работодавачот, па дури потоа да може да се поведе спор пред надлежен суд, заради остварување на правото на судска заштита. Второстепениот суд тужбата на тужителот ја отфрлил како недозволена согласно одредбите од член 181 став 2 и 3 од Законот за работните односи.”