- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 242.76 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 22, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.152/2015
„(...) Имено, од страна на судовите неспорно е утврдено дека тужителката била вработена кај тужениот од 01.06.2008 година, дека во текот на 2010 година имала патолошка бременост и заминала на боледување сметано од 01.11.2010 година, а од 17.04.2011 година започнала со породилно боледување заклучно со 26.01.2012 година. На 26.01.2012 година тужителката доставила боледување до 09.02.2012 година и побарала да користи годишен одмор за 2011 година, кој и бил одобрен сметано од 10.02.2012 година заклучно со 09.03.2012 година. На ден 12.03.2012 година тужителката се јавила кај тужениот и ги известила претпоставените дека ќе продолжи со користење на боледување сметано од 26.03.2012 година, а подоцна го доставила и издаденото боледување.
При таква состојба, правилно заклучиле судовите дека во конкретниот случај не се работи за неоправдано изостанување од работа три последователни работни дена, како што е наведено во оспореното решение, туку дека тужителката оправдано била отсутна од работа во наведените денови поради користење на одобрено боледување, за што ги известила претпоставените, односно дека во конкретниот случај се работело за континуирано отсуство на тужителката од работа, првично поради ризична бременост, потоа заради породилно отсуство, потоа заради користење на денови од годишен одмор, а во периодот кој е наведен во оспорената одлука како неоправдано отсуство, истата повторно била оправдано отсутна од работа заради нарушено здравје кое е покриено со уредно издадено боледување. (...)
При одлучувањето овој суд го имаше предвид наводот во ревизијата дека тужителката не постапила согласно својата обврска да го извести тужениот писмено или усно дека е спречена во спорниот период да се јави на работа поради отворено боледување, меѓутоа истиот го оцени како неоснован. Ова од причина што судовите утврдиле дека тужителката ги известила своите претпоставени за отсуството од работа, при што имаше предвид и дека во конкретниот случај оспореното решение е донесено поради неоправдан изостанок од работа три последователни работни дена во смисла на одредбата од член 81 став 1 точка 1 од Законот за работните односи, а не согласно одредбата од член 82 став 1 точка 6 од Законот за работните односи, во која одредба е уредено откажувањето на договорот за работа поради кршење на работниот ред и дисциплина доколку работникот во рок од 48 часа писмено не го извести работодавачот за отсуство од работа, во кој случај престанокот на работниот однос е со отказен рок од еден месец, а не каков што е и конкретниот случај, кога престанокот на работниот однос е без отказен рок.”