- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 372.44 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 29, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.162/2016
„(...) правилен е заклучокот на пониските судови дека тужениот не ја докажал основаноста на причините за откажувањето на договорот за работа, во смисла на одредбите од член 72 и член 85 од Законот за работни односи.
Од изведените докази во текот на постапката, правилно пониските судови заклучиле дека тужениот не изнел факти и не предложил докази во смисла на член 205 од Законот за парнична постапка, од кои би произлегла основаноста на причините за откажување на договорот за вработување, наведени во образложението на оспорената одлука, односно за тоа дека тужителката не ги извршувала или несовесно ги извршувала работните обврски во смисла на член 81 став 1 точка 2 од Законот за работни односи на која се повикал ниту пак предложил докази и факти со кои ќе ги поткрепи наводите дека тужителката предизвикувала неред и не се придржувала кон работното време, распоредот и користењето на работното време, во смисла на член 81 став 1 точка 4 од Законот за работни односи, ниту пак е утврдено дека истата му причинила штета на работодавачот.
Правилен е заклучокот на судовите дека тужителката по донесување на одлуката со која била распоредена во подружницата во Ш., чие извршувањето било одложено со одлуката од Државениот инспекторат за труд, продолжила да ги извршува своите работни обврски во Маркетот во К., во кој и дотогаш работела, па не може да се прифати дека не ги извршувала или дека несовесно или ненавремено ги извршувала работните обврски, во смисла на член 81 став 1 точка 2 од Законот за работни односи, како што образложил тужениот во одлуката. Дотолку повеќе што и самиот тужен во списите на предметот има доставена своја одлука бр. 0404-043/1 од 09.04.2015 година, заведена на 17.04.2015 година, со која одлуката за распоредување од 06.02.2015 година со која тужителката била распоредена на работно место работник со извршување на работните обврски во Подружницата П. Маркет број 3 во Ш. престанала да важи и истата требало да продолжи своите работни обврски да ги обавува во подружницата во К., по претходно определениот распоред за смени, за која во текот на постапката тужениот не предложил докази дека и ја доставил на тужителката. Освен тоа оваа одлука била донесена по донесување на оспорената одлука со која на тужителката и бил откажан договорот за вработување, а која била донесена на 16.03.2015 година. Исто така, судовите утврдиле и дека на тужителката не и била доставена ниту опомената со писмено предупредување од 19.02.2015 година, затоа што не се јавила на работното место во Ш. каде била распоредена и во определениот рок од 48 часа не го известила работодавачот за причините за отсуството, со предупредување дека доколку продолжи понатаму да ги крши работните обврски, постои можност за отказ на договорот за вработување.
Правилно пониските судови прифатиле дека тужениот не приложил докази од кои би произлегол фактот дека тужителката на 12.03.2015 година предизвикала кусок од 140,00 денари, бидејќи попис во П. Маркет број 13 во К. бил правен во месец јануари 2015, а тужениот не доставил доказ дека имало вонреден попис во месец март, со кој бил утврден кусокот од 140,00 денари, а не биле доставени ни докази за тоа дека тужителката предизвикувала неред, дека конзумирала производи кои тужениот ги продавал, а кои не ги пријавувала ниту ги плаќала, ниту пак докази од кои би се утврдило дека таа не се придржувала кон работното време, распоредот и користењето на истото, како причина за дадениот отказ согласно член 81 став 1 точка 4 од Законот за работни односи.
Врз основа на вака утврденото, а имајќи ги предвид одредбите од член 31, член 71 став 2, член 72, член 73, член 74 став 1, член 80, член 81 став 1 точка 2, член 85, член 102 став 1 од Законот за работни односи и член 262 од истиот закон, правилно пониските судови одлучиле кога го усвоиле тужбеното барање и ја поништиле како незаконита одлуката со која на тужителката и бил откажан договорот за вработување, како и одлуката со која приговорот на тужителката бил одбиен како неоснован.”