Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.169/2016

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 227.53 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 15, 2017
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.169/2016

„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија пониските судови правилно го примениле материјалното право кога раководејќи се од член 71 став 2, член 72 и член 82 став 1 точка 2 од Законот за работните односи утврдиле дека на тужителот незаконито му престанал работниот однос.

Според Врховниот суд на Република Македонија правилно пониските судови нашле дека тужителот не извршил злоупотреба на боледувањето, односно не ја сторил повредата која му се става на товар со оспореното решение. Во конкретниот случај, неспорно било утврдено дека тужителот во повеќе наврати бил на боледување, кои ги најавувал кај работодавачот, а од изведените докази, судовите правилно утврдиле дека за месец јануари 2015 година тужителот доставил боледувања, што значи дека не бил исполнет условот наведен во решението за престанок на работниот однос, дека има прекин на боледувањето од седум дена во текот на овој месец. Воедно, овој суд се согласува со изразениот став на второстепениот суд, дека тужениот не докажал постоење на злоупотреба на боледувањето од страна на тужителот, со оглед да истото тужениот требал да го утврди во соодветна постапка од соодветна комисија, односно комисија која би го проверила начинот на користење на боледувањето од страна на тужителот. Имајќи предвид дека тужениот во решението за престанок на работниот однос само констатирал дека тужителот извршил злоупотреба на боледувањето, по оценка на овој суд, правилно пониските судови утврдиле дека тужениот ги прекршил одредбите од Законот за работните односи при донесувањето на оспореното решение, со оглед дека не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот, во смисла на член 82 став 1 точка 2 од Законот за работните односи.

Врховниот суд на Република Македонија ги ценеше наводите во ревизијата дека судовите погрешно заклучиле дека тужителот го известувал тужениот дека ќе користи боледување, при што тужителот има обврска и навремено да достави боледување и продолжување на боледување до работодавачот, но истите ги оцени како неосновани. Имено, видно од решението за престанок на работниот однос на тужителот, истото е донесено по член 82 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, при што во образложението тужениот наведува дека тужителот не ја средил документацијата, која е со разни датуми за прв ден спреченост за работа и разни дијагнози, врз основа на што и пониските судови заклучиле дека престанокот е поради злоупотреба на боледување, а не поради неоправдано отсуство од работа во смисла на член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи. Како што е правилно утврдено од пониските судови, во наведеното решение тужениот единствено навел дека има прекин на боледување од 7 дена во текот на месец јануари 2015 година, за кој е утврдено дека е неоснован, со оглед на изведените докази во постапката.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев2.бр.389/2016
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право