- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 343.74 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 7, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.170/2016
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога го одбиле тужбеното барање на тужителот. При одлучувањето, пониските судови утврдиле дека тужителот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, односно не се придржувал на прописите што важат за вршење на работите на работното место, поради што правилно тужениот донел одлука со која му се откажува работниот однос на тужителот во согласност со член 82 став 2 од Законот за работните односи.
По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно е стојалиштето на пониските судови дека тужителот со своето поведение ги сторил повредите поради кои му бил изречен престанок на работниот однос со отказен рок. Ваквиот заклучок произлегува од утврдениот факт дека тужителот при своето работење не ги информирал надлежните претпоставени и не го пријавил рачниот часовник кој бил заборавен во терминалната зграда, како и дека истиот го присвоил за себе, поради што правилно пониските судови утврдиле дека со непочитувањето на работните правила и обврски, тужителот сторил тежок прекршок на работниот ред и дисциплина согласно точка 3.5.3 алинеја 8 од Дисциплинскиот правилник на тужениот, а за кој е пропишано откажување на договорот за работа без отказен рок. Имено, непочитувањето и неисполнувањето на дадените работни обврски ја оправдува основаноста на причината и законитоста на оспорената одлука за откажување на договорот за вработување.
Неосновани се ревизиските наводи за погрешна примена на материјалното право од член 85 од Законот за работните односи, односно дека побиваните одлуки се незаконити бидејќи не содржат образложение, како и дека постапката за отказ е неправилно спроведена. Ова од причина што, со оглед на веќе утврденото во текот на постапката дека тужителот ја сторил повредата што му се става на товар, по оценка на овој суд оспореното решение со кое на тужителот му престанува работниот однос е законито и донесено во законски пропишана постапка, во согласност со внатрешните акти на тужениот. Имено, во конкретниот случај се исполнети законските услови од член 82 став 2 од Законот за работните односи, а врз основа на актот на тужениот и тоа точка 3.5.3 алинеја 8 од Дисциплинскиот правилник, според која тужителот бил должен да се придржува до прописите кои важат при наоѓање на предмет од патник. Дотолку повеќе што, одлуката со која се врши исправка на донесената одлука за престанок на работниот однос на тужителот, не влијае на неговата законитост.
По наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, неосновани се ревизиските наводи дека во конкретниот случај не постои уредна пријава од патник за изгубен предмет, од причина што тужениот преземал дејствија за проверка на тврдењето за изгубен предмет токму врз основа на добиена пријава од патникот, што иницирало и проверка на видео камерите кои го мониторирале пунктот за преглед на патници. Во оваа насока, ревизискиот навод дека не е извршена проценка на вредноста на предметот, овој суд најде дека не влијае на законитоста на донесената одлука за престанок на работниот однос на тужителот, од причина што сторениот прекршок од страна на тужителот е од потежок карактер кој се санкционира со откажување на договорот за вработување без отказен рок. Имено, правилно пониските судови утврдиле дека тужениот во целост ја докажал основаноста на причините кои го оправдуваат отказот со образложение на истите во побиваното решение за откажување на договорот за вработување, со факти и докази за начинот на кој тужителот ги презел дејствијата кои претставуваат повреда на работниот ред и дисциплина.”