- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 280.60 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање декември 27, 2016
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.182/2016
„(...) по наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога тужбеното барање на тужителот да се поништи како незаконита оспорената одлука за откажување на договорот за вработување донесена од управниот одбор на тужениот, како и да се врати тужителот на работа и да се распореди на работни задачи кои одговараат на неговата стручна подготовка и стекнати работни способности, го одбиле како неосновано.
Поаѓајќи од утврдените факти, според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија, правилно е стојалиштето на пониските судови дека во конкретниот случај одлуката за откажување на договорот за вработување на тужителот е донесена во законска спроведена постапката поради што истата е правилна и законита. Ваквиот заклучок произлегува од утврдениот и неспорен факт дека тужителот не ги исполнил работните задачи кои му биле испратени преку емаил кореспонденција од својот раководител во определените рокови, не побарал продолжување на роковите за исполнување на задачите, ниту пак го известил раководителот дека има проблем при исполнување на задачите, поради што правилно пониските судови утврдиле дека со неисполнувањето на работните обврски тужителот постапил спротивно на член 30 став 1 од Законот за работните односи, и на одредбите од член 15 став 1 точка 1, 2 и 3 од Колективниот договор на тужениот, поради што сторил повреда на работниот ред и дисциплина согласно член 81 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за работните односи. Имено, неисполнувањето и на една од дадените работни обврски ја оправдува основаноста на причината и законитоста на оспорената одлука за откажување на договорот за вработување.
При одлучувањето, Врховниот суд на Република Македонија го ценеше ревизискиот навод на ревидентот за погрешна примена на материјалното право по однос на приговорот на застареност на одлуката за откажување на договорот за вработување, меѓутоа го најде како неоснован.
(...) сознанието за фактите кои се основа за давање на отказот на работникот се основа за течење на субјективниот рок на застареност за давање отказ на договорот за вработување. Притоа, како ден на сознанието за повредата на работната дисциплина се смета денот кога овластениот орган за изрекување на отказ на договорот за вработување дознал за сторената повреда, па оттука произлегува дека правилно пониските судови застанале на стојалиште дека со денот на поднесување на пријавата за неисполнување на работните обврски против тужителот 29.01.2013 година, тужениот како работодавач осознал за неисполнувањето на работните обврски кои се основа за откажување на договорот за вработување на тужителот. Во насока на наведеното, како од поднесувањето на пријавата поради неисполнување на работните обврски, до донесувањето на одлуката со која на тужителот му е откажан договорот за вработување 14.03.2013 година, не изминал субјективниот рок од три месеци, произлегува дека не настапила застареност на постапката за откажување на договорот за вработување на тужителот. Според наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија неоснован е наводот на тужителот дека субјективниот рок на застареност треба да се смета од потсетувањето од 10.01.2013 година со кое раководителот го предупредил тужителот дека не се завршени работните задачи, па дека од овој ден тужениот дознал за настанатите факти. Ова од причина што, потсетувањето кое раководителот го испратил преку емаил порака до тужителот со кое го потсетил за дадените задачи со барање да се достави извештај за статусот на секоја поединечна работна задача, не претставува момент од кога тужениот дознал за фактите кои се основа за давањето на отказот, особено ако се има предвид дека во тој момент сеуште не биле истечени роковите за извршување на работните задачи поради чие неисполнување му бил откажан договорот за вработување на тужителот.”