Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.187/2016

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 344.94 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање март 29, 2017
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.187/2016

„(...) правилно заклучиле пониските судови дека во периодот од 14.05.2014 година до донесување на одлуката за откажување на договорот за вработување на 28.05.2014 година, тужителот сторил повреда на работниот ред и дисциплина на работните обврски, на начин што не ги извршувал или несовесно и ненавремено ги извршувал работните обврски поради што му бил изречен отказ на договорот за вработување, согласно член 81 став 1 точка 2 од Законот за работните односи.

Врховниот суд на Република Македонија ги ценеше ревизиските наводи со кои се укажува на тоа дека при донесувањето на одлуката за престанок на работниот однос тужениот не постапил во согласност со одредбата од член 74 став 2 од Законот за работните односи, но за истите најде дека се неосновани. Ова од причина што одлуката за откажување на договорот за вработување содржи доволно образложени причини за откажувањето, а фактот што тужителот не бил запознаен со неговите права од осигурување во случај на невработеност, во случај кога неспорно е дека тужителот ја сторил повредата од член 81 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, не е од влијание за утврдување на ништовност на оспорената одлука.

Неоснован е ревизискиот навод дека правната поука на одлуката за откажување на договорот за вработување е нејасна и неразбирлива, со оглед на тоа што тужителот бил упатен да поднесе приговор до основачот на друштвото, наместо до својот работодавач. Ова од причина што видно од одлуката за отказ е дека истата содржи правна поука со која на тужителот му е укажано на можноста за остварување неговото право на приговор, а дотолку повеќе што тужителот го остварил своето право на приговор против одлуката за отказ, кој приговор бил доставен до тужениот по пошта со потврда за прием на пратка од 05.06.2014 година.

Неоснован е и ревизискиот навод дека тужениот не ја доставил одлуката за откажување на договорот за вработување во согласност со одредбата од член 75 од Законот за работните односи. Имено, согласно член 75 став 2 од Законот за работните односи, отказот на договорот за вработување работодавачот е должен да му го врачи лично на работникот по правило во просториите на работодавачот, односно на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето од кое работникот дневно доаѓа на работа. Во став 2 од истиот член, меѓу другото е предвидено дека ако работникот одбие врачување, откажувањето на договорот за вработување се објавува на огласна табла во седиштето на работодавачот. Оттука, ако се има предвид утврденото дека тужителот бил повикан одлуката за откажување на договорот за вработување да ја прими лично во просториите на тужениот, а истиот одбил врачување, произлегува дека тужениот постапил во согласност со наведената законска одредба кога одлуката ја објавил на огласна табла во седиштето на тужениот.

Тужителот во ревизијата наведува дека работниот однос му престанал без законско предупредување во смисла на член 73 од Законот за работните односи, но овој суд најде дека ваквиот навод е неоснован, со оглед на тоа што на ден 16.05.2014 година, бил направен обид за лично предавање на предупредување за сторен прекршок - неизвршување на работните обврски кое содржело укажување на можност за откажување на договорот за вработување доколку истиот се повтори, но поради тоа што тужителот одбил да го прими предупредувањето истото било огласено на огласна табла во седиштето на тужениот.”

Претходно Пресуда на Aпелационен суд Битола РОЖ-213/17
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право