- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 225.56 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање ноември 29, 2017
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.191/2016
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија пониските судови правилно го примениле материјалното право кога врз основа на член 82 став 1 точка 5, член 41 став 1 точка 5 од Колективниот договор за комунални дејности на РМ и член 94 од Законот за работните односи, утврдиле дека тужениот не го запазил законскиот рок при донесувањето на оспореното решение за откажување на договорот за вработување без отказен рок.
Имено, согласно член 94 став 1 од Законот за работните односи, отказ на договорот за вработување од лични причини на страна на работникот, работодавачот може да му даде на работникот во рок од три месеци од денот на дознавањето за фактите кои се основа за давање на отказот, односно во рок од шест месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за давање на отказот.
Имајќи го предвид утврденото од страна на пониските судови дека последниот работен налог бр. 34/112 со намалена цена на набавка на водомери бил издаден на 04.05.2013 година, а тужениот дознал за повредите кои ги сторил тужителот од записникот од 28.05.2013 година, при што решението за откажување на договорот за вработување е донесено на ден 25.11.2013 година, произлегува дека истото е донесено по истекот на законскиот рок од три месеци од денот на дознавањето за фактите, односно по шест месеци и 24 дена од настанување на фактите кои се основа за давање на отказот, па правилно пониските судови нашле дека се поминати роковите за давање на отказ на договорот за вработување, односно дека настапила застареност на давањето отказ на договорот за вработување на тужителот.
Врховниот суд на Република Македонија ги ценеше наводите дека согласно член 94 став 2 од Законот за работните односи, отказ на договорот за вработување, работодавачот може да му даде на работникот поради сторено кривично дело на работа или во врска со работата, најдоцна до истекот на рокот за застареност утврден во закон за стореното кривично дело, но најде дека истите се неосновани. Имено, видно од оспореното решение е дека тужениот му го откажал договорот за вработување на тужителот бидејќи тужителот во врска со работењето од крајно невнимание предизвикал штета на тужениот согласно член 82 став 1 точка 5 од Законот за работните односи. Со оглед дека предмет на тужбеното барање е поништување на одлука за откажување на договорот за вработување, а од содржината на одлуката не произлегува дека истата е донесена поради сторено кривично дело, туку поради повреда на работните обврски предвидени со Законот за работните односи, произлегува заклучокот дека во конкретниот случај не може да најде примена одредбата од член 94 став 2 од Законот за работните односи.”