Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев.3.бр.143/2020

  • Version
  • Преземи 1
  • Големина на фајлот 510.88 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање декември 15, 2020
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев.3.бр.143/2020

„По наоѓање на овој суд, правилно оцениле пониските судови дека донесената Одлука од тужениот бр.04-54/266 од 16.06.2017 година со која на тужителот му се откажува договорот за вработување сметано од 16.06.2017 година поради кршење на работниот ред и дисциплина е незаконита.

Наведеното од причина што утврдените факти не упатуваат на заклучок да тужителот неоправдано изостанал од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година. Оттаму, законскиот услов за отказ на договорот за вработување поради кршење на работен ред и дисциплина предвиден во член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи, во конкретниот случај не е исполнет, заради што е и незаконита одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок.

Овој суд го прифаќа образложението на пониските судови дека на тужителот не му било овозможено да ги извршува работните задачи поради недостапност на службено возило во Г. од кое требал по доаѓање на работното место со радио врска да оствари контакт со тужениот за да се евидентира почетокот на работното време и тужениот да го запознае со планираните активности за работниот ден. Оттаму, а како во книгата на дневни настани требал да ги евидентира истите, бил оневозможен поради фактот што оваа книга се наоѓала во службеното возило, а до возилото немал пристап. Наводот на раководителот на сектор кај тужениот да работните задачи вработените во патрола ги извршуваат согласно месечен распоред за нивната работа, а од кој произлегува дека таков не е изготвен за тужителот, правилно е оценет од пониските судови како показател дека незапознавањето на тужителот со смената на која е распореден, како и во однос на тоа каде и на кого да се јави за да преземе работни задачи е постапување спротивно на одредбите од член 40 став 2 од Законот за работните односи. Имено, од аспект на неисполнета обврска на работодавачот да му ги обезбеди на работникот сите потребни средства и работен материјал за да може непречено да ги исполнува своите обврски.

Неоснован е ревизискиот навод дека тужителот требал да побара од раководителот на сектор распоред за работа во Г. и податок каде да ја преземе смената. Правилно оценил второстепениот суд дека согласно член 208 од Законот за парничната постапка кој упатува на примена на правилата за товар на докажување, тужениот требал да приложи докази во постапката дека постапил согласно член 40 став 2 од Законот за работните односи и ја исполнил должноста произлезена од својството на работодавач да обезбеди потребни средства и работен материјал на тужителот како работник, а истиот не го сторил тоа. Од друга страна, од предложените докази од тужителот произлегува дека истиот сметано од 04.05.2017 година, одел на работа во Г. во прва смена и таму престојувал за времетраењето на истата од 08:00 часот до 16:00 часот, како и наредните денови. Исто така произлегува и дека редовно се јавувал во мониторинг центарот за напатствија кај кого да се јави и од кого да преземе службено возило за работа, но не добивал одговор од тужениот.

Согласно изнесеното, правилно оцениле пониските судови дека наводите на тужениот да тужителот не присуствувал на работа на наведените датуми во решението за отказ на договорот за вработување, не се поткрепени со соодветни докази и дека од таа причина Одлуката со која му се откажува на тужителот договорот за вработување, сметано од 16.06.2017 година поради кршење на работниот ред и дисциплина е незаконита.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев.3.бр.139/2019
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право