Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.51/2019

  • Version
  • Преземи 1
  • Големина на фајлот 614.23 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 28, 2020
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.51/2019

„(...) Во конкретниот случај, се работи за одлука за откажување на договор за вработување на неопределено време без отказен рок поради кршење на работниот ред и дисциплина заведена под број 04-1335/23, донесена од директорот на тужениот, кај кој тужителот е вработен, кој договор му се откажува без отказен рок заклучно со 30.12.2016 година. Од образложението на наведената одлука е утврдено дека на тужителот му се става на товар дека на критичниот ден 15.12.2016 година, на првиот наставен час во попладневната смена имал настава по наставниот предмет физика, група ученици од истата паралелка донеле и конзумирале алкохол на првиот наставен час и од страна на наставникот З. Н., во случајов тужителот, кој што на наставниот час ги видел учениците со алкохол, не пријавил во педагошко-психолошката служба на сменоводителот А. Ч., ниту пак на директорот на училиштето, професор Љ. Ц., за што истиот и покрај тоа што бил свесен на последиците кои што произлегуваат од овој престап, со самата постапка што не го пријавил престапот, дозволил за време на наставен час, учениците да конзумираат алкохол во училишните простории. Со ваквите постапки за овозможување на конзумирање на алкохол и објавување на фотографија на социјалната мрежа Фејсбук од страна на учениците со кои раководел сега тужителот на наставниот час, сторен е престап од кој што намерно или од крајно невнимание е предизвикана штета на угледот и рејтингот на училиштето, вршејќи повреда на работниот ред и воспитно-образовниот карактер со занемарување на воспитната и безбедносната функција на образовната установа.

По наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија правилно пониските судови утврдиле дека ваквата одлука нема образложение, во истата не се наведени дејствијата со кои тужителот сторил повреда на работниот ред и дисциплина, на кој начин не го почитувал работниот ред и дисциплина или поточно не дал поконкретен опис на околностите од кои произлегуваат причините на да тужителот му се изрече престанок на работниот однос, со што не се исполнети законските претпоставки од членот 82 став 1 точка 5 од Законот за работните односи.

Во ситуација кога од самата одлука не може да се оцени поради што е откажувањето, не е даден поконкретен опис на околностите од кои произлегуваат причините да му престане на тужителот работниот однос, односно кога одлуката за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина не ги содржи сите законски елементи, правилно пониските судови утврдиле дека одлуката на тужениот со која му е откажан на тужителот договорот за вработување е незаконска.

Дотолку повеќе што од изведените докази во текот на постапката неспорно е утврдено дека тужениот како потписник на колективниот договор за средно образование бил должен да ги почитува неговите одредби и во конкретниот случај бил должен да формира комисија составена од три члена од редот на вработените, која комисија ќе утврди дали настанала повреда и своето мислење понатаму ќе го достави до тужениот, односно тужениот не ја спровел законски постапката за откажување на договорот, така што постапил и спротивно на одредбите од Колективниот договор за средно образование на Република Македонија, поради што одлуките на пониските судови во оваа смисла се правилни и законити.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.138/2019
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право