- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 528.93 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 19, 2020
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.66/2019
„(...) правилно второстепениот суд застанал на стојалиште дека се исполнети законските услови предвидени во одредбата од член 82 став 1 точка 5 од Законот за работни односи, притоа ценејќи го фактот дека тужителот несовесно ја извршувал работата на работното место за кое што склучил договор за вработување и не постапувал согласно правилата предвидени за неговото работно место и со неиздавањето на фискални сметки за продадените производи предизвикал штета на работодавачот, бидејќи за паричните средства кои тужителот ги наплатувал од клиентите не издавал фискална сметка и истите противправно ги присвојувал. Во насока на наведеното, правилно второстепениот суд заклучил дека превземените дејствија биле основ за донесување на предметната одлука за отказ од страна на тужениот, каде конкретно е наведено во што се состои издадената дисциплинската мерка со опис на дејствијата со кои тужителот ги прекршил работните обврски од договорот за вработување и интерните акти на друштвото. Дотолку повеќе, покрај тоа што му причинил штета на тужениот, го изложил и на ризик поради неиздавање на фискални сметки да биде казнет од страна на Управата за јавни приходи.
Врз основа на утврдената фактичка состојба од страна на второстепениот суд, Врховниот суд на Република Северна Македонија наоѓа дека второстепениот суд правилно го применил материјалното право и прифатил дека тужителот ја сторил повредата од член 82 став 1 точка 5 од Законот за работни односи, односно сторил кражба или во врска со работата намерно му предизвикал штета на работодавачот, со тоа што несовесно ја извршувал својата работа и при продавање на кафе не издавал фискални сметки, кои дејствија неспорно биле утврдени од страна на работодавачот од Записникот на Комисијата за утврдување на причините за настанатиот кусок утврден со пописот, а кој се темели и на евиденцијата во софтверскиот систем и видео надзорот за бензинска станица С., од каде биле констатирани и времето и начинот на сторување на повредите.
Неосновани и без влијание за поинакво одлучување се наводите во ревизијата на тужителот, дека тужениот не повел кривична постапка за кражба, па оттука не ја ни докажал основаноста на одлуката за отказ, бидејќи работодавачот во смисла на одредбите од Законот за работни односи, нема обврска да поведе кривична постапка и да докажува кривично дело, туку има обврска да поведе постапка за утврдување на одговорност на работникот, што во случајов било сторено, по што била донесена одлуката за отказ во која точно е наведен основот за отказот и причините за истиот.
Врховниот суд на Република Северна Македонија, при одлучувањето го имаше во предвид и ревизискиот навод, дека во смисла на член 9-а став 6 од Законот за лични податоци, снимките од безбедносните камери се чуваат до исполнување на целите за кои се врши снимањето, но не подолго од 30 дена, па како во случајов снимките од безбедносните камери се однесуваат за 09.05.2016 година, а одлуката за отказ е донесена на 28.10.2016 година, не требало да се ценат во конкретнава постапка, но за истите оцени дека се без влијание за поинакво одлучување во предметниот случај.”