- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 513.28 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање април 3, 2019
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.82/2018
„(...) по наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање на тужителот и ја поништиле како незаконита Одлуката за откажување на договорот за вработување број 04-09 од 11.01.2016 година донесена од страна на тужениот наоѓајќи дека истиот не успеал да докаже дека тужителот ја сторил кражбата што му се става на товар, а заради која била донесена одлуката за отказ. Имено, по наоѓање на овој суд правилно пониските судови прифатиле дека тужениот оспорената одлука ја засновал само на пријавата од службените лица на МВР од извршена сообраќајна контрола и нивна претпоставка, односно сомневање дека тужителот ја украл нафтата, сопственост на тужениот, а од причина што тужителот немал доказ за прибавената нафта во своето возило. Тужениот не приложил никаков доказ за недостаток, односно намалено количество на доставената нафта за градежните машини на објектот, што би укажало дека истата била предмет на кражба. Ова од причина што, не се водело евиденција на доставена и потрошена нафта за работа на машините, ниту пак тужителот или било кој од работниците бил задолжен со водење на евиденцијата. Тужениот немал докази за количеството на потрошувачка на гориво, немал доказ за евентуална неоправдана разлика во дотурот и потрошеното гориво што би укажало на кражба. Оттука, при состојба на сето погоре наведено и според овој суд правилен е заклучокот на пониските судови дека тужениот не успеал да докаже дека тужителот ја сторил кражбата која му се става на товар па од овие причини оспорената одлука за отказ е незаконита што претставува и основ за нејзино поништување.
Врховниот суд на Република Северна Македонија при одлучувањето ги имаше во предвид наводите на тужениот во ревизијата дека против сега тужителот се водела кривична постапка за кривично дело кражба, односно за истото она за што се водела и дисциплинска постапка кај тужениот по што била и донесена одлуката за откажување на договорот за вработување, каде тужителот го признал делото, за што и сега во ревизијата доставува записник од одржан главен претрес од 24.01.2017 година, но најде дека истите се без влијание во одлучувањето од причина што доказот на кој се повикува тужениот во ревизијата за прв пат го доставил сега во постапката по ревизија, односно после законски предвидениот рок предвиден во член 271 став 1 од Законот за парничната постапка (Службен весник на РМ бр. 79/05...116/10), заради што и не може да биде ценет и земен во предвид при одлучувањето. Според овој суд ваквиот вид на доказ евентуално може да биде основ за поведување на друга постапка.”