- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 519.28 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање септември 16, 2020
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.94/2019
„(...) по наоѓање на овој суд, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога, повикувајќи се на член 71 став 2, член 72 и 82 став 1 и 2 од Законот за работни односи, како и член 134 став 1 точка 7, 8, 11 и 14 в.в. со член 54 од Колективниот договор на тужениот, член 3 и 5 став 1 алинеја 3 и 7 од Законот за полиција, член 1 став 1 алинеја 5 и 114 став 1 од Законот за внатрешни работи, член 2 став 1 алинеја 1 и 3 од Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односни на работниците со посебни должности и овластувања во МВР, како и член 16 од Кодексот за полициска етика, утврдиле дека решението за откажување на договор за вработување е законито, од причина што тужителот со своите дејствија постапил спротивно на правилата и прописите на тужениот и на тој начин сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина.
Ваквиот заклучок го извлекле од утврдениот решителен факт дека тужителот при извршување на работните задачи со цел да прибави противправна имотна корист за себе и за другите членови во групата, исто така вработени кај тужениот, примал поткуп од лица кои ја поминувале државната граница, и на тој начин во рамките на своите службени овластувања извршувал, односно не извршувал дејствија што морал да ги изврши, а за кои дејствија со правосилна кривична пресуда е огласен за виновен и му е изречена алтернативна мерка условна осуда.
При ваква состојба на работите и Врховниот суд на Република Северна Македонија, во целост се согласува со заклучокот на пониските судови дека тужителот ги сторил повредите кои му се ставаат на товар со одлуката за откажување на договорот за вработување, па дека се работи за законит престанок на работниот однос.
Овој суд ги ценеше наводите во ревизијата на тужителот дека тужениот не ја докажал основаноста на причината за отказ, не го предупредил работникот и не го запознал со неговото право на социјално осигурување, па постапил спротивно на член 72, 73 и 74 став 2 од Законот за работни односи, но за истите оцени дека се неосновани. Ова од причина што и по оценка на овој суд тужениот во постапката спроведена согласно законот и подзаконските акти, правилно постапил кога ја донел одлуката за отказ, а притоа ја докажал и основаноста на причината поради на која тужителот му го откажал договорот за вработување, без отказен рок. Имено, во образложението на решението тужениот ги навел и докажал дејствијата преземени од тужителот, дека го злоупотребил и пречекорил даденото службено овластување, а кои биле во насока на тоа кога и на кој начин истиот побарал и примил парични средства за себе и за останатите од групата, што било утврдено и документирано со аудио и видео записи, по спроведени посебни истражни мерки. Особено што и со правосилната кривична пресуда КОК.бр.56/12 од 16.02.2016 година, тужителот за наведените дејствија е огласен за виновен и му е изречена алтернативна мерка условна осуда.
Неоснован и без влијание за поинакво одлучување е и ревизискиот навод на тужителот дека предметното решение е незаконито и поради тоа што не се водела дисциплинска постапка, па на тој начин на тужителот му било повредено правото да се произнесе во контрадикторна јавна постапка, од причина што станува збор за потешка повреда, каде по поднесена кривична пријава на работникот му била определена мерка притвор, па во таков случај предлогот за донесување на отказно решение се доставува директно до Министерот за внатрешни работи.”