- Version
- Преземи 0
- Големина на фајлот 826.78 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање февруари 13, 2019
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.106/2018
„Имено, судовите утврдиле дека со договор за вработување од 06.12.2016 година, тужителката засновала работен однос кај тужениот на определено време почнувајќи од 07.02.2016 година до 07.02.2017 година, на работно место референт за регистрации. Во периодот од 25.04.2016 година заклучно со 04.05.2016 година, согласно Извештај за привремена спреченост за работа, тужителката имала отворено боледување и тој извештај уредно го испратила кај тужениот на 25.04.2016 година преку Пошта ... Г. И покрај испратеното боледување, тужениот ја повикал тужителката да се јави на работа во просториите на тужениот на 03.05.2016 година, па тужителката тој ден се јавила во просториите на тужениот, по што продолжила да доаѓа на работа на своето работно место и во деновите 04.05., 05.05., и 06.05.2016 година, но иако доаѓала на своето работно место за цело работно време, од страна на тужениот не и било овозможено да си ги врши работите и работните задачи согласно договорот за вработување, бидејќи не и бил дозволен пристап до нејзиното работно место на кое работела до 25.04.2016 година, не и биле давани работни задачи и иако упорно правела обиди да стапи во контакт со управителот и со сопственикот на тужениот, не била примена од нив, па била принудена цело работно време да седи во просторијата за клиенти. На 07.05.2016 година (сабота - тужениот работел и во саботите), тужителката се подготвувала да оди на работа, но по пошта и пристигнало сега оспореното решение за престанок на работниот однос 04-18/1 од 06.05.2016 година, со кое и бил откажан работниот однос без отказен рок поради неоправдано отсуство три последователни работни дена, па тој ден не отишла на работа, а ни после тоа, но на 12.05.2016 година поднела приговор против решението за престанок на работниот однос, кој со одлука на тужениот од 17.05.2016 година бил одбиен, а решението било оставено во сила.
Врховниот суд на Република Северна Македонија, наоѓа дека врз основа на вака утврденото правилно пониските судови го примениле материјалното право кога делумно го усвоиле тужбеното барање и го поништиле како незаконито решението бр.04-18/1 од 06.05.2016 година, бидејќи утврдиле дека не се исполнети законските претпоставки од член 72, член 74 и член 81 став 1 точка 1 од Законот за работни односи. Ова од причина што тужениот иако во решението го навел основот за отказ, не ја докажал основаноста на причината која го оправдува отказот, бидејќи во истото не ги наведува конкретно кои се тие три последователни работни денови кога тужителката неоправдано отсуствувала од работа, а кој недостаток и по оценка на овој суд побиваното решение го прави незаконито и спротивно на член 72 и член 74 од Законот за работни односи.”