Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.123/2019

  • Version
  • Преземи 2
  • Големина на фајлот 493.87 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање ноември 10, 2020
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.123/2019

„По наоѓање на ревизискиот суд, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога прифатиле дека е законито решението за престанок на работниот однос бр.09-1903/3 од 08.05.2018 година со кое на тужителот му е откажан договорот за вработување, со примена на одредбите од член 12 став 1 и член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи и член 98 став 5 алинеја 6 и 8 од Законот за административни службеници. Имено, и по наоѓање на овој суд во услови кога тужителот неоправдано не бил присутен на работа три последователни работни дена и тоа 03.05.2018 година - четврток, 04.05.2018 година - петок, 07.05.2018 година - понеделник и 08.05.2018 година - вторник со што на овој начин не го испочитувал распоредот на работно време кај тужениот, исполнети се условите од горенаведените законски одредби за престанок на работниот однос.

Според Врховниот суд на Република Северна Македонија правилен е ставот на пониските судови дека тужителот во текот на доказната постапка не приложил ниту еден релевантен писмен доказ со соодветно законско оправдување за неговото отсуство во периодот од 03.05.2018 година до 07.05.2018 година. Според овој суд, во смисол на членот 20 од Законот за здравствено осигурување, оцена за привремена спреченост за работа за првите 15 дена дава избраниот лекар од примарната здравствена заштита, а над 16 дена првостепената лекарска комисија на Фондот по предлог на избраниот лекар. Приложените писмени докази од тужителот потврдени од овластен судски преведувач и според овој суд претставуваат писмени докторски извештаи со кој се потврдува нарушената здравствена состојба на неговата сопруга Д. С., а за тужителот не постои никаков писмен доказ во смисол на негова здравствена попреченост како објективна неможност да се врати на своето работно место. Без влијание е и фактот дека тужителот преку електронски пат со е-маил порака од неговото електронско сандаче го известил Градоначалникот и Секретарот на Општина Ш., од причина што истото е сторено ненавремено, односно со задоцнување по истекот на трите работни дена, и тоа на ден 07.05.2018 година во 23.20 часот по завршувањето на работното време и 10.05.2018 година. Имајќи го во предвид сето погоре наведено и според овој суд сега предметното решение бр.09-1903/3 од 08.05.2018 година и одлуката 09-405/5 од 19.06.2018 се донесени во законита постапка, согласно законските одредби и поткрепени со писмени докази во поглед на нивната основаност.

Ревизискиот суд ги ценеше наводите на тужителот во ревизијата дека предметното решение не било образложено, односно во истото не биле наведени деновите на неоправдано отсуство од работа, но најде дека истите се неосновани од причини што тужениот во образложението на предметното решение навел дека тужителот бил должен да се јави на работа на 03 мај 2018 година, а до денот на донесувањето на решението 08.05.2018 година не го оправдал своето отсуство, што прави јасно кои денови тужителот неоправдано отсуствувал од работа.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.44/2020
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право