- Version
- Преземи 1
- Големина на фајлот 503.97 KB
- Број на датотеки 1
- Датум на креирање јуни 11, 2020
- Последна промена ноември 6, 2024
Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.162/2018
„Пониските судови утврдиле дека тужителот како лице вработено во (...) С. на 17.08.2014 година, бил на интервенција на отклонување на дефект во објектот на Ц. У. ДОО на бул. П.о. бр. 154 и постапувал без работен налог, односно неовластено вршел санација на 10 КВ кабел на објектот. На тужителот, кој бил долгогодишен работник кај тужениот, добро му биле познати правилата за постапување во вакви случаи на дефект на високонапонски 10 КВ, а сепак не побарал безнапонска состојба – одобрение за работа од (...), туку приватно го санирал кабелот на незаземјен кабелски вод, притоа доведувајќи се во опасност самиот себе, околината како и безбедноста на функционирање на дистрибутниот систем и овозможувајќи им на трети лица да работат на отклонување на дефектот без да платат надомест согласно предвиденото во актите на тужениот.
Постапувајќи на наведениот начин, тужителот несомнено не се придржувал кон прописите што важат за вршење на работите на работното место, поради што работодавачот му го откажал договорот за вработување со отказен рок, постапувајќи согласно член 81 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за работни односи, кој предвидува дека работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако: не ги почитува работниот ред и дисциплина според правилата пропишани од страна на работодавачот; не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски и не се придржува кон прописите што важат за вршење на работите на работното место.
Имајќи ги предвид решителните факти утврдени од пониските судови, според оценката на овој суд, правилна е примената на материјалното право и заклучокот дека одлуката на тужениот, со која на тужителот му е откажан договорот за вработување со отказен рок од еден месец поради повреда на работниот ред и дисциплина, а заради неисполнување на работните обврски - постапување без работен налог е законита, спротивно на тврдењето содржано во изјавената ревизија. Наведеното дотолку повеќе што, тужителот во текот на своето работење кај тужениот, неколку пати бил писмено предупредуван да ги почитува работните обврски согласно договорот за вработување, што јасно укажува на постапување кое се повторувало подолг временски период.”