Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.177/2019

  • Version
  • Преземи 0
  • Големина на фајлот 536.40 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање мај 28, 2020
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.177/2019

„(...) првостепениот суд делумно го усвоил тужбеното барање на тужителката, го поништил како незаконито решението за престанок на работниот однос, го задолжил тужениот да ја врати тужителката на работа, додека второстепениот суд ја потврдил првостепената пресуда во делот на поништувањето на решението за престанок на работен однос, а го преиначил во делот каде што тужениот бил задолжен да ја врати тужителката на работа, бидејќи ваквиот договор за вработување бил на определено време, односно истекувал на 31.05.2019 година, па со самиот факт што во моментот на донесувањето на пресудата е истечен рокот на договорот за вработување, по сила на закон и престанува работниот однос на тужителката.

По наоѓање на Врховниот суд на Република Северна Македонија, правилно пониските судови го примениле материјалното право кога делумно го усвоиле тужбеното барање на тужителката и го поништиле решението за престанок на работен однос. Неспорно е дека тужителката пред истекот на боледувањето на 28.09.2018 година, го доставила до тужениот извештајот на специјалистот за привремена спреченост за работа издаден од нејзиниот матичен лекар од 17.09.2018 година, како и доказ дека на 05.10.2018 година, тужителката поднела приговор на решението за престанок на работниот однос од 25.09.2018 година, по кој приговор не добила одговор. Притоа, пониските судови утврдиле дека тужителката веднаш по добивањето на извештајот за привремена спреченост за работа на 17.09.2018 година, го врачила лично на законскиот застапник на работодавачот корисник, со оглед дека договорот за вработување не и бил доставен лично не била во можност да знае дека има обврска да постапи согласно член 4 став 1 алинеја 10 од договорот за вработување. Имено, решението за престанок на работниот однос било донесено по барање на работодавачот корисник врз основа на член 82 од Законот за работни односи и истиот ја одјавил тужителката, со што и го прекинал работниот однос, со известувањето од работодавачот корисник бидејќи тужителката не се јавила на работа 8 дена, а не го известила ниту тужениот дека е на боледување.

По наоѓање на овој суд, правилно пониските судови утврдиле дека ваквото решение за престанок на работен однос е незаконито. Ова, од причини што тужениот во решението за престанок на работен однос не го навел ниту основот за отказот утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот, а самото барање на работодавачот корисник не претставува основ за отказ, бидејќи не ги образложил причините за откажување на договорот, со наведување на основаноста на причината која би го оправдала отказот. Дотолку повеќе што, известувањето од 25.09.2018 година на работодавачот корисник, што тужениот го примил во писмена форма и со кој бил известен дека тужителката не се јавила на работа осум дена, поради што следело решението за престанок на работен однос, воопшто не е образложено и во истото не е наведено дека тужителката боледувањето не го доставила во рок од 48 часа, како причина за отказ во решението за престанок на работен однос, а согласно одредбата од член 82 од Законот за работни односи, според која причините за отказ треба да бидат конкретно наведени во решението.”

Претходно Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.51/2019
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право