Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.184/2020

  • Version
  • Преземи 2
  • Големина на фајлот 597.70 KB
  • Број на датотеки 1
  • Датум на креирање јануари 26, 2022
  • Последна промена ноември 6, 2024

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев3.бр.184/2020

„Овој суд при одлучувањето ги ценеше наводите истакнати во ревизиите дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога прифатиле дека тужителката нема статус на административен службеник и дека постапката за отказ (...) согласно Законот за работните односи е законита и правилна, меѓутоа најде дека истите се неосновани. Ова, со оглед да ваквите наводи биле истакнати во текот на постапката и ценети од страна на пониските судови кои образложиле дека со статус на државен службеник тужителката се стекнала со решението од 20.06.2016 година, врз основа на кое бил склучен анексот на договорот за вработување од 23.06.2016 година, односно во време на важење на претходниот Закон за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/08...127/16), каде во член 10-б став 1, било предвидено дека вработените во високообразовните установи кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејноста високо образование имаат статус на административни службеници. Пониските судови образложиле дека наведениот закон е ставен вон сила со донесувањето на новиот Закон за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/18), според кој за правата, обврските и одговорностите на ненаставниот кадар во кој спаѓа и тужителката, се уредуваат со одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи, освен ако со истиот закон не е поинаку определено. Оттука, по наоѓање на овој суд правилен е ставот на пониските судови дека одлуката која се побива е донесена во законита постапка водена согласно Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за работните односи.

Во ревизиите се наведува дека согласно член 33 став 5 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, тужителката има независност како ревизор и не може дисциплински да одговара, ниту да ѝ биде изречен отказ за изразено стручно мислење дадено во рамките на своите работни задачи. Воедно, се истакнува дека пониските судовите погрешно заклучиле дека тужителката била должна да ги прифати забелешките бидејќи одговара пред ректорот, не земајќи ја предвид одредбата од член 15 став 4 од Правилникот за внатрешна ревизија, согласно кој ревизорот ги прифаќа забелешките само доколку се доставени нови докази кои го оспоруваат мислењето на ревизорот, што не било случај. Ваквите наводи биле истакнати во текот на постапката, а пониските судови дале образложени причини за нивната неоснованост, со кои овој суд се согласува. Имено, согласно член 101 став 1 од Законот за високо образование и член 33 став 1 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, единицата за внатрешна ревизија е организациски и функционално независна, но истата е директно и единствено одговорна на раководителот на субјектот од јавниот сектор, во случајот ректорот на тужениот, кој согласно член 8 став 6 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, е одговорен за работењето на тужениот и сите донесени одлуки вклучувајќи ги и одлуките кои се однесуваат на финансиското управување и контрола. Воедно, пониските судови при одлучувањето имале предвид дека пред донесување на одлуката за отказ, ректорот како раководител на тужениот добил мислење за извршената ревизија од страна на Комисијата за финансии, инвестиции и развој, добил и мислење за Правилникот за распредепба на средства за информативни, информатички, културни, спортски и други активности на У., од Комисијата за нормативна дејност, а побарал и да се изврши нова ревизија од страна на независен ревизор за истите прашања на кои се однесувала ревизијата од тужителката, се со цел да се увери во вистинитоста, објективноста и професионалноста на изготвените извештаи од извршена внатрешна ревизија од страна на тужителката. Откако од сите органи добил негативни мислења, а и Универзитетскиот сенат со одлука бр.02-999/21 не го прифатил Извештајот за реализација на доделените средства во 2017 година од фондот за информативни, информатички, културни, спортски и други активности на У. на Ф. за м. у. С., кој бил предмет на ревизијата од страна на тужителката, била поведена постапката за откажување на договорот за вработување. Во оваа насока, правилен е заклучокот на пониските судови дека тужителката ја сторила повредата која ѝ се става на товар со побиваната одлука предвидена со член 81 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, за неизвршување или несовесно и ненавремено извршување на работните обврски.

Ревизиските наводи дека пониските судови погрешно ги примениле одредбите од член 18 и член 30 од Законот за заштита од вознемирување на работно место, при што не го зеле предвид фактот дека одлуката за отказ на договорот за вработување е доставена до тужителката следниот ден од доставеното известување до ректорот за поднесена тужба за психичко вознемирување на работното место, овој суд ги оцени како неосновани. Имено, овој суд се согласува со наоѓањето на пониските судови дека постапката за отказ почнала пред поднесувањето на тужбата за мобинг, односно дека тужениот постапката за отказ на договорот за вработување ја започнал со поднесување на пријавата на 08.11.2018 година, а по преземање на низа дејствија, истата завршила со донесување на побиваната одлука на 27.11.2018 година, додека тужителката на 27.11.2018 година до ректорот на тужениот доставила известување дека против ректорот поднела тужба за психичко вознемирување на работното место, поради што во конкретниот случај нема примена членот 30 од наведениот закон.”

Претходно Решение на Апелационен суд Битола РОЖ-465/21
Поддржано од

Здружение за трудово

и социјално право

 

E-маил: contact@trudovopravo.mk 

Copyright © 2023 Здружение за трудово и социјално право